По 12 дена непрекината борба со огнот на Галичица, денес пожарот е ставен под контрола на источниот, западниот и северниот фронт кој заедно опфаќа периметар од 10 километри. Сепак, на терен остануваат 100 пожарникари кои будно ја следат состојбата и ги контролираат критичните точки кои во текот на денот со високите температури можат повторно да се разгорат. Воедно ризичен е и пожарот на алабанска страна кој гори на оддалеченост од два километра, врз кого вчера исто така се дејствувало со воздухоплови.
Ѓуро Јовчевски, одговорен за противпожарна заштита во Националниот парк „Галичица“, изјави дека пожарот е ставен под контрола благодарение на координираната и добро испланирана акција на општините Охрид и Ресен, Кризниот штаб на Македонија, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Центарот за управување со кризи (ЦУК), 120 пожарникари и дејствувањето на три „ер трактори“ на ДЗС и 2 хеликоптера на МВР. Возможно е и денес да се делува во две летала на охрискиот и преспанскиот дел, за огнот целосно да биде ставен под контрола.
Во изминатите денови, како што рече Јовчевски во видеообраќањето од терен за медиумите, имало стотина експлозии од заостанато пешадиско оружје со голем калибар, па затоа доброволци не се пуштале во првата линија на гасењето на пожарот.
„Бевме особено внимателни во земањето доброволци, исклучиво искусни или пензионирани пожарникари, возрасни луѓе од АРМ со обука, додека млади луѓе ентузијасти кои сакаат да бидат вклучени не ги ставаме во првите линии пооради нивна безбедност, туку ги оставаме да бидат логистика“, рече Јовчевски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА