ПОРАДИ ИСЕЛУВАЊЕТО НЕМА ДОВОЛНО СТУДЕНТИ НА БИТОЛСКИОТ УНИВЕРИЗИТЕТ

    ПОРАДИ ИСЕЛУВАЊЕТО НЕМА ДОВОЛНО СТУДЕНТИ НА БИТОЛСКИОТ УНИВЕРИЗИТЕТВо првите три уписни рокови се запишаа 1.295 студенти, а на четвртиот конкурс на слободни 2.411 места се запишаа осумдесетина бруцоши; - Универзитетот „СВ. Климент Охридски“ во Битола (Фото: СДК.МК)

    Намалениот наталитет и иселувачкиот бран го погоди и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола. Годинава на четирите распишани уписни рокови се запишаа 1.380 студенти, а на официјалната интернет страница пишува дека годишно во просек привлекувал околу 3.000 студенти. На Универитетот со десет факултети и една висока школа се запишуваат студенти од целиот Југозападен Регион во земјава, од Битола, Прилеп, Охрид, Велес, Кичево, па дури и од Скопје каде е Факултетот за безбедност, кој е исто така негова членка.

    И покрај ваквата распространетост, во првите три уписни рокови, годинава, се запишаа 1.295 лица. По ова, во октомври Универизтетот распиша четврт конкурс објавувајќи како слободи за упис 2.411 места. На четвртиот уписен рок се запишаа околу осумдесетина бруцоши.

    Од Универзитетот велат дека распишувањето четврт уписен рок е пракса која ја применуваат од пред четири години, односно секогаш кога ќе останат слободни места. Со тоа сакаат да им дадат шанса на сите оние завршени средношколци кои од било кои причини не успеале да се запишат да си ги испробаат шансите за влез на некој од факултетите.

    Сепак, од Ректоратот признаваат дека во неколкуте последователни години се соочуваат со намален интерес за студирање и велат дека бројот на запишани студенти постојано опаѓа. Причините ги гледаат во демографскиот фактор, миграциите и конкуренцијата.

    „Во ваквата ситуација нормално дека Универзитетот и покрај сите напори што ги прави, и покрај сите иницијативи што ги презема, не е и не може да биде задоволен од бројките. Но, оваа тенденција е негативна појава со којашто се соочуваат сите универзитети во државата и зад која има објективни причини на кои, за жал, тешко може да делуваме. Во прв ред е демографскиот фактор, генерациите средношколци секоја година се сè помалубројни, а и иселувањето како тренд е присутно и особено интензивно во последниов период. Високото образование е само дел и тоа последниот од таа негативна тенденција, каде пред истите проблеми се исправени основното и средното образование“, велат од Ректоратот.

    Не смее да се занемари ни голема конкуренција на високообразовни институции како во државата, така и надвор, зашто сè поголем број студенти заминуваат на студии во странство.

    „Високообразовниот простор не е повеќе оној истиот на почетоците, кога во земјата постоеја само два државни универзитета. 40 години подоцна во однос на УКЛО и 70 години подоцна во однос на УКИМ, денес младите имаат избор да се запишта на неколку државни и уште поголем број приватни универзитети што, за земја како нашата со сите други неповолни демографски, миграторски фактори претставува своевиден феномен што бара менаџирање и обмислување соодветна политика од повисоко ниво“, велат од Ректоратот.

    Најмногу студенти привлекува Факултетот за безбедност во Скопје, па Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, на трето место Техничкиот факултет, додека помал интерес има за студирање на Технолошко-техничкиот факултет во Велес и на Биотехничкиот факултет во Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира