ПОРАДИ ИЗБОРИТЕ НЕМАЛО МОЖНОСТ ПРЕКУ ЈАВЕН ПОВИК ДА СЕ ИЗБЕРЕ КОЈ ЌЕ ГО ОРГАНИЗИРА ОТВОРАЊЕТО НА БИТФЕСТ, А „МЈУЗИК АРТ“ КОЕ ГО ЗАСТАПУВА КАМЕРНИОТ ОРКЕСТАР ДАЛО НАЈДОБРА ПОНУДА

    ПОРАДИ ИЗБОРИТЕ НЕМАЛО МОЖНОСТ ПРЕКУ ЈАВЕН ПОВИК ДА СЕ ИЗБЕРЕ КОЈ ЌЕ ГО ОРГАНИЗИРА ОТВОРАЊЕТО НА БИТФЕСТ, А „МЈУЗИК АРТ“ КОЕ ГО ЗАСТАПУВА КАМЕРНИОТ ОРКЕСТАР ДАЛО НАЈДОБРА ПОНУДАКамерниот оркестар на големиот музички настан ги придружуваше изведбите на најголемиот дел од музичките ѕвезди. (Фото: СДК.МК)

    Поради изборниот период немаше можност за објава на јавен повик, па затоа Комисијата за евалуација ги оцени доставените предлози за организирање настан за отворањето на Битфест. Ове е одговорот од Општина Битола на прашањата од САКАМДАКАЖАМ.МК за тоа како здружението „Мјузик арт“ беше избрано да го организира големиот музички настан „Ѕвездена симфонија“ за почетокот на Битолското културно лето. На Комисијата за јавни дејности во петокот настана бурна дискусија околу тоа зошто Општината наместо сама да го организира Битфест, обврската ја дала на здружение на граѓани, без јавен повик туку преку Комисија за евалуација, без да биде извесен Советот и каде отишле парите од спонзорствата и влезниците кои чинеа по 10 евра.

    На отворањето одржано за првпат на Градскиот стадион на 3 јуни, гостуваа „Паркети“, „Супехик“, Констракта, Каролина и познати диџеи.

    Од Општината писмено ни одговорија дека врз основа на член 50 од Законот за локална самоуправа, со решение од градоначалникот формирана е шестчлена комисија за поединечна евалуација на поднесени барања за финансиска поддршка за Програмата за култура 2024 година. Во април биле доставени две барања за настани за отворањето на Битфест. Според член 29 од Законот за локална самоуправа рокот за одлучување е 60 дена, па во изборниот период немало можност за објава на јавен повик. Така, Комисијата за евалуација, ги оцени доставените барања, изготви записник и достави извештај до градоначалникот со предлог да се доделат финансиски средства од 1,5 милиони денари со ДДВ на Здружението за афирмација на музичката уметност „Мјузик арт“ за реализација на проектот „Ѕвездена симфонија“ за почетокот на Битфест.

    Од Општината посочија дека ова здружение го застапува Камерниот оркестар „IW Connect“, кој на големиот музички настан ги придружуваше изведбите на најголемиот дел од музичките ѕвезди. Понудата на другиот субјект била многу повисока и изнесувала 3,5 милиони денари.

    Од Општината велат дека е постапено согласно позитивните законски прописи. Таа го ставила на располагање користењето на Градскиот стадион, како и финансиска поддршка за „Мјузик арт“ во износ од 1,5 милиони денари. На 7 јуни биле писмено известени дека настанот чинел 4.326.000 денари, за што разликата од 2.826.000 денари, здружението ја обезбеди од продажба на влезници и спонзорства.

    „Ваквиот начин на организација и реализација на културни настани е потврда за отвореноста на локалната самоуправа за соработка со културните работници и невладиниот сектор“, соопштија од Општината.

    Со овој настан се потрошија сите средства кои претходно беа издвоени за Битфест, па сега со ребалансот кој е на дневен ред на Советот утре се бараат уште 5 милиони денари, а Програмата за култура да се зголеми на 10 милиони денари.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира