ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ ПЛАНИНСКИТЕ ЕЗЕРА ЈА ГУБАТ ВОДАТА, А НЕКОИ МОЖЕ И ДА ИСЧЕЗНАТ ВО БЛИСКА ИДНИНА

    ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ ПЛАНИНСКИТЕ ЕЗЕРА ЈА ГУБАТ ВОДАТА, А НЕКОИ МОЖЕ И ДА ИСЧЕЗНАТ ВО БЛИСКА ИДНИНАГолемо Караниколичко Езеро спаѓа во групата на поголемите глацијални езера на Шар Планина, се наоѓа на 2.190 метри надморска височина, широчината му е 114,5 метри, а длабочината 5,6 метри. (Фото: Ивица Милевски)

    На Шар Планина се формирани 44 планински езера, од кои 26 се постојани, односно постојат во текот на целата година, а 18 се периодични и обично се формираат меѓу април и јули. Просечната површина на сите 44 езера изнесува 250.500 квадратни метри и се наоѓаат на надморска висина од 2.000 до 2.400 метри. Најголемото од нив е Боговињското Езеро, кое воедно е и најголемо планинско езеро во Македонија. Сепак бројните планинари сметаат дека Големото Караниколичко Езеро е едно од најубавите планински езера на Шар Планина.

    Минатата година, стручни лица заедно со вработените во Националниот парк „Шар Планина“ изработија извештај за состојбата на езерата преку следење на состојбите со Големото Караниколичко Езеро.

    „Големо Караниколичко Езеро спаѓа во групата на поголемите глацијални езера на Шар Планина. Се наоѓа на 2.190 метри надморска височина, широчината му е 114,5 метри, а длабочината 5,6 метри. Се полни исклучиво преку топење на снегот, како и од врнежите и од подводните извори. Највисок водостој има за време на топење на снегот, поточно во мај и јуни. Водата ја губи главно преку испарување, но и преку подземно истекување. Длабочината на езерото придонесува за неговата специфична темносина и зеленкаста боја. Поради изгледот, бојата и живописните околни пејзажи, Караниколичко Езеро е популарна дестинација за посетители во летниот период. Во текот на годината, но и во повеќегодишен период, јасно е забележлива промена на нивото на езерото“, се вели во извештајот на НП „Шар Планина“.

    Она што било главна задача на извештајот е да се утврди дали климатските промени влијаат врз намалувањето на површините на планинските езера.

    „За да се согледаат промените на езерското ниво, направена е споредба на историските сателитски снимки во висока резолуција достапни на Google Earth Pro и на порталот на Агенцијата за катастар на недвижности (АКН). Најстарата достапна снимка е ортофото снимката на АКН (црно-бела) од јули 2004, додека најнова е снимката од ноември 2024. Сепак, главен проблем кој се појави во оваа постапка се различните периоди кога се снимени истите, односно од јули, непосредно по топењето на снегот, до ноември, кога нивото обично е доста ниско. Ова не дава доволно уверливи и јасни показатели за континуирано намалување на нивото на езерото и на неговата површина, барем не за периодот 2004-2024. Но, за да се согледа самото влијание на климатските промени, неопходно е да се види како и колку точно вода добива Големото Караниколичко Езеро и како, колку и кога главно ја губи преку испарување и подземно истекување“, се наведува во извештајот.

    Во него исто така се посочува дека се забележуваат промени и во температурата и во обемот на врнежите во овој период.

    „Неопходна е солидна анализа на климатските податоци, особено температурите и врнежите, како и на нивните промени. За жал, единствената планинска метеоролошка станица во овој предел е таа на Попова Шапка, која има повеќе прекини во работењето. Сепак, од достапните податоци сосема очигледно е дека просечните годишни температури на воздухот, измерени од мерната станица на Попова Шапка, имаат тенденција на пораст. Во периодите 1979-2000 и 2001-2024 се јавува пораст од околу еден степен, што е значителна вредност. Ваквиот пораст условува намалени снежни врнежи и снежна покривка, зголемено испарување и слично. За разлика од температурите, врнежите бележат стагнација во однос на просечното годишно ниво. Современите климатски промени, особено во поглед на намалените снежни врнежи, зголемените температури на воздухот и испарувањето, претставуваат сериозна закана за опстанокот на езерото. За да се зачува ова природно наследство, неопходно е да се преземат итни мерки за мониторинг и заштита, кои ќе помогнат во разбирањето и превенцијата на долгогодишните ефекти на климатските промени врз ова, но и останатите глацијални езера на Шар Планина“, се посочува во извештајот.

    Но, не се само езерата на Шар Планина, и глацијалните езера низ регионот се под ризик од намалување или целосно исчезнување. Така некои од глацијалните езера на планините Проклетие во Црна Гора и Рила во Бугарија веќе покажуваат знаци на драстично намалување на волуменот. Слична состојба се забележува и кај Караниколичкото Езеро, каде што климатските промени комбинирани со човечки влијанија, како сточарење, дополнително ги влошуваат квалитетот и количината на водата.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира