ПОРАДИ НАМАЛЕН ДОТОК НА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ ВО ТЕТОВО АКТИВИРАН Е ВОДОВОДНИОТ СИСТЕМ ЛЕШНИЦА, ЗАСЕГА НЕМА РЕСТРИКЦИИ

    ПОРАДИ НАМАЛЕН ДОТОК НА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ ВО ТЕТОВО АКТИВИРАН Е ВОДОВОДНИОТ СИСТЕМ ЛЕШНИЦА, ЗАСЕГА НЕМА РЕСТРИКЦИИЈП „Шар“ планира да се направат заеднички екипи со комуналната инспекција кои би работеле на терен и би казнувале граѓаните кои несовесно ја трошат водата за пиење. (Фото: СДК.МК)

    Топлото време го намали дотокот на вода за пиење во Тетово од изворите на Шар Планина, па за да се надомести недостатокот беше активиран водоснабдителниот систем Лешница кој црпи вода од горните текови на реката Пена. Од Секторот за водоснабдување и канализација на ЈП „Шар“, велат дека кусокот од околу 100 литри вода во секунда ќе го надополнуваат преку овој систем кој е изграден токму за оваа цел, да помогне во снабдувањето со вода во периодите кога се намалува издашноста на Шарските извори.

    „Поради високите температури во последниве денови се среќаваме со намалување на издашноста од Шарските извори. За последниве 20 денови имаме пад од околу 100 литри вода во секунда. Тоа значи дека од 450 литри, колку што даваат овие извори, сега доаѓаат само околу 350 литри вода во секунда. Со оваа количина на овие високи температури моравме накратко да активиравме неколку бунари, кои се како резерва при вакви случаи, а од денес во функција е ставен цевководот кој носи вода од месноста Лешница до Тетово, кој со своите 100 литри вода во секунда го надомести кусокот и ја достигнавме потребната количина од 450 литри вода во секунда колку што може да прифати водоводниот систем на Тетово“, вели Љуљзим Шаќири, раководител на Секторот за водовод и канализација.

    Засега во Тетово нема рестрикции на водата за пиење и градот е добро снабден освен некои од највисоките делови на градот и некои висококатници кои немаат инсталирано хидрофори.

    „Помали проблеми има во повисоките делови од градот, додека во пониските делови има проблем во населбата Вонвардарска, каде големината на обемот на водоводната цевка не одговара за зголемениот број објекти во тој дел од градот. Порано неколку висококатници имаа исто така проблем со водоснабдувањето, но засега немам добиено поплаки од нив бидејќи најверојатно и тие се опремиле со хидрофори“, вели Шаќири.

    Сепак, најголемиот проблем со водата за пиење во Тетово е нерационалното трошење. Секојдневна појава е наутро со црева да се мијат улиците пред дуќаните, се наводнуваат градините, а тука се и пералните за автомобили кои користат вода од градскиот водовод.

    „Оваа година имаме зголемување на несовесно трошење на водата. Најавата за високи температури во наредниот период сигурно ќе придонесе за понатамошно несовесно трошење на водата. Полнење базени со вода во дворовите, миење на возила, полевање на градините, и она што го викаме полевање на асфалтот, се главните причини за нерационалното трошење на водата. Исто така не смееме да заборавиме дека во овој период од годината во нашиот крај доаѓа и поголем број наши иселеници од странство, па сето тоа во голема мера го оптоварува системот за снабдување со вода за пиење“, вели Шаќири.

    Шаќири вели дека тие како комуналци немаат надлежност да казнуваат за нерационално трошење на водата, туку дека тоа е во надлежност на Комуналната инспекција. Затоа се планира да се направат заеднички екипи со комуналната инспекција кои би работеле на терен и би казнувале граѓаните кои несовесно ја трошат водата за пиење.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира