Стрежевското Езеро во Битолско со обилните врнежи дожд вчера (7 јануари) во еден ден успеа да акумулира околу 4,5 проценти од количините вода што ги имаше претходно.
„Во стрежевската акумулација во моментов има 67,2 милиони кубни метри вода, а само вчера прибрани се три милиони кубни метри вода. Тоа се големи количини на вода за кусо време“, беше кажано на координативниот состанок на градоначалникот на Битола со директорите на јавните претпријатија.
Според податоците од мерната станица на хидросистемот „Стрежево“, која се наоѓа на браната на ова вештачко езеро, во текот на изминатиот ден за само 12 часа паднале 42 литри дожд на квадратен метар, што е енормно голема количина, што предизвикало водотеците да донесат големи количини вода.
Врнежите предизвикаа излевање на реката Курдерес, која не можеше да ги прибере обилните количини вода кај старата фабрика „Прогрес“, што предизвика застој во сообраќајот на улиците Крушевска и Македонска фаланга. Јавните претпријатија потоа интервенираа и проблемот беше саниран.
Интервенции имаше и на улицата Солунска во населбата Боримечка, на Лавчански пат и во населбата Стрчин во Битола, како и во селата Канино, Лера и Горно Српци, покрај реката Црна и во потесното и поширокото градско подрачје на општината.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



