ПОРАДИ ТУРИСТИЧКАТА ПОНУДА И БЕРЕЊЕТО ШУМСКИ ПЛОДОВИ, НАЈМНОГУ ДОЗВОЛИ ЗА ДВИЖЕЊЕ НИЗ ШУМА ЛЕТОВО СЕ ИЗДАДЕНИ ЗА МАЛЕШЕВИЈАТА, ПЛАЧКОВИЦА И БЕЛАСИЦА

    ПОРАДИ ТУРИСТИЧКАТА ПОНУДА И БЕРЕЊЕТО ШУМСКИ ПЛОДОВИ, НАЈМНОГУ ДОЗВОЛИ ЗА ДВИЖЕЊЕ НИЗ ШУМА ЛЕТОВО СЕ ИЗДАДЕНИ ЗА МАЛЕШЕВИЈАТА, ПЛАЧКОВИЦА И БЕЛАСИЦАПодружницата „Бабуна“ од Велес издала 483 дозволи за движење низ шумите на планината Јакупица (Фото: СДК.МК)

    Најмногу дозволи за движење низ шума во летните месеци, кога беше во сила забраната, се издадени за Малешевијата, 1.906, потоа за планината Плачковица 1.658 и за Беласица –1.301. Ова се податоците што ги објави ЈП „Национални шуми“, одговарајќи на прашањето кои три шумски стопанства издале најмногу дозволи.

    Според љубителите на планините, причините за големиот интерес се туризмот, прошетките во природа и собирањето шумски плодови и чаеви.

    „Малешевијата, поточно Беровското Езеро, во летниот период е посетено од голем број туристи, кои доаѓаат за викенд или на еднодневна посета. За нив беше потребна дозвола за да прошетаат низ шумите покрај водата. Освен тоа, Малешевијата и Плачковица се богати со шумски плодови и чаеви, кои се атрактивни за собирање од страна на граѓаните, па верувам дека затоа се на врвот. За Беласица причината е друга, таму е туризмот, Смоларските и Колешинските Водопади, изворите во Мокрино. Сите овие места во лето се можност да се избега од горештините и градската врева“, вели Слободан Димовски, планинар и љубител на шумите.

    Забраната за движење низ шума траеше три месеци, од 1 јули до 30 септември. Во податоците се забележува отсуство на високи бројки на издадени дозволи за шумите во Западна Македонија.

    „Во Западна Македонија имаме четири национални парка: Маврово, Пелистер, Галичица и Шар Планина. Во текот на летото, додека траеше забраната, таму дозволите ги издаваа на самото место службите на националните паркови, се плаќаше по 100 денари и затоа нема голема бројка на барања за дозволи“, вели Игор Смилев, екологист и планинар.

    За граѓаните затекнати во шума без писмено одобрение, Законот за шумите предвидуваше глоби од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност. Контролите ги вршеа полицијата, шумската полиција и шумарите, па тешко е да се утврди точната бројка на изречени казни и колку граѓани не ја почитувале забраната.

    „Во Дирекцијата на ЈП ‘Национални шуми’, односно во Секторот за заштита на шумите, надзор и внатрешна контрола, издадени се вкупно 115 одобренија за движење во шума, претежно за правни лица, при што на секое одобрение е приложен список на лица кои ќе се движат во шума поради своите работни обврски“, соопштија од претпријатието.

    Од ЈП „Национални шуми“ велат дека дозволите може да бидат издадени за едно или повеќе лица, па нивниот број не покажува колку граѓани навистина престојувале во шумите. Дозволи добивале и физички и правни лица, меѓу кои планинарски друштва, изведувачи на теренски работи и истражувачи.

    Бројот на издадени дозволи во 2026 бил сличен на оној од 2025 година. За трите месеци додека траела забраната, подружницата „Бабуна“ од Велес издала 483 дозволи за движење низ шумите на планината Јакупица.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира