Есенските домати во струмичко нема кој да ги купи бидејќи, како што тврдат земјоделците, деновиве во земјава влегле повеќе шлепери со домати од Албанија. Поради тоа, производството веќе скапува по оражериите, а дел од земјоделците почнале да ги уништуваат засеаните површини. Најмногу реагираат земјоделците од струмичките села Куклиш и Просениково, кои се сметаат за најголеми производители на домати во струмичко. Тие се гневни бидејки ги послушале апелите од надлежните за контуинирано производство, а сега мора да ги фрлаат доматите или по депонии или да им скапуваат по нивите.
„Повеќе од 25 илјади корени имаме засадено и само што почнавме со берба, влегоа шлепери со домати од Албанија и откупот секна овде. Срамота, имаме наше производство, а се дозволува увоз. А ни викаа садете, за да има македонски домати и во октомври и ноември. Досега 30 тони домати фрливме. Никој не се грижи за нас земјоделците“, реагираше Ило Георгиев, земјоделец од Просениково кој вели дека не знае што да прави со произведените количини.
Реагираат и земјоделските здруженија. Ѓорги Ѓоргиев од здружението „Агробаница“ смета дека ваквата ситуација е резултат на неконтролираниот увоз на домати од соседна Албанија иако струмичките домати биле ефтини за трговците.
„Есенските домати се откупуваа по цена од 10 денари за килограм, но тоа беше на почетокот на бербата на есенскиот турнус. Слушнавме дека по пазарите се појавиле домати од Албанија и овде откупот секна. Сега нема кој да те праша. Оние што доаѓаат нудат цени и по 5 денари за килограм, што е потценувачко. Наводно, по оваа цена ги носеле од Албанија. Целото производство ќе остане во оранжериите“, вели Ѓоргиев.
Надлежните велат дека Македонија како членка на ЦЕФТА не може да забрани увоз на зеленчук . Тврдат дека деновиве не бил зголемен увозот на домати преку граничните премини со Албанија, а пратките што влегле во земјава биле исконтролирани согласно законската регулатива.