Ударнички, колку што можеа со годините, поранешните членови на раководството на Сојузот на социјалистичката младина на Македонија и на Југославија и новинари во младинските весници „Млад борец“ и „Студентски збор“, симболично го одбележаа 25 Мај, некогашниот Денот на младоста, со кој во поранешната федеративна држава се одбележуваше роденденот на претседателот Јосип Броз-Тито. Околу 30 учесници дојдоа во Велес на дружење, евоцираа спомени од пред повеќе од 40-тина години за младинските работни акции, и дадоа поддршка во изградбата на зграда за социјални семејства на „Хабитат Македонија“, невладина и непрофитна организација од САД.
На изненадување на присутните, дојде и поранешниот претседател на Македонскиот олимписки комитет (МОК) Васил Тупурковски-Циле, кој своевремено беше и претседател на Сојузот на социјалистичката младина на Југосавија (ССМЈ), како и член на Претседателството на СФРЈ, а беше најавен како веројатно последниот Македонец кој имал можност да се гледа, дружи и разговара со Тито.

На работната акција дојде и Васил Тупурковски, најавен како веројатно последниот Македонец кој имал можност да се гледа, дружи и разговара со Тито. (Фото: СДК.МК)
„Да ме викнат толку луѓе е задоволство и чест. Овде сум за 25 мај, бев дел од таа младинска организација што беше голема на времето и во историјата. Не се срамам од тоа движење, и им честитам на сите што дошле денес тука. Тоа е составен дел од животот. Тоа што бев претседател на младинското движење на Југославија ми дало можност да ги запознаам сите овие луѓе кои се помлади од мене“, кажа 74-годишниот Тупурковски и додаде дека започнува да пишува книга токму за некогашната младинска организација.
На едно место се собраа и поранешните младински функционери и активисти Ристо Иванов, Никола Поповски, Сотир Костов, Аце Коцевски, Ангелка Пеева-Лауренчиќ, Слободан Најдовски, Зоран Димитровски, Стевчо Јакимовски, Борче Георгиевски… Иако бил поканет, единствено на дојде поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, кој се извинил што не може да присуствува поради други обврски.

Волонтираше и актуелниот заменик-министер за надворешни работи Зоран Димитровски. Тој во осумдесеттите години од минатиот век соработуваше во „Млад борец“ (Фото: СДК.МК)
Во поранешна Југославија младинските работни акции, кои беа организирани на локално, републичко и државно ниво, беа популарна форма на работно ангажирање на младите со што се градеше јавна инфраструктура како патишта, железници и јавни згради, како и индустриска инфраструктура, особено во деценијата по Втората светска војна, а беа обновени во 1970-тите и 1980-тие години. Меѓу капиталните проекти изградени од младински работни бригади се железницата Брчко-Бановиќи, железницата Шамац-Сараево, делови од Нов Белград и делови од автопатот „Братство и единство“, кој се протега од северот на Словенија до југот на Македонија. Во Македонија, со работната акција „Мариово“ од 1976-79 се градеше патот Прилеп-Витолиште со учество на младинци од цела Југославија.
Гостите денеска беа дел од армијата волонтери кои во Велес ги градат станбените згради наменети за граѓани кои не можат да си обезбедат дом. Досега волонтерите на „Хабитат“ изградија шест згради, а се привршува седмата, која е најголема со 16 станови. Околу 1.700 волонтери досега дале учество во изградбата, повеќето од нив од САД и од 30-тина држави од светот. Од денес меѓу нив се вброија и поранешните младински активсти.

Ексминистерот за финансии Никола Попоски денеска беше беа дел од волонтерите на „Хабитат Македонија“, кои во Велес ги градат станбените згради наменети за граѓани кои не можат да си обезбедат дом. (Фото: СДК.МК)
„Доаѓаат странци и волонтираат кои не знаат кому му помагаат, веројатно никогаш нема да ги сретнат, но имаат желба да покажат грижа. Како што некогаш младите што учествуваа во младинските акции, така и овие волонтери помагаат. Тие сами си плаќаат сместување, пат, престој и работат една седмица“, кажа Зоран Костов, извршен директор на „Хабитат Македонија“.

Ако денеска се доделуваше признание за ударник на денот, тоа го заслужи градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој покажа најголемо познавање во градењето, работеше и делеше совети на другите. На сликата со Горан Михајловски кој во осумдесеттите години од минатиот век ја почна новинарската кариера во „Студентски збор“ и поранешната пратеничка Ангелка Пеева – Лауренчиќ која беше младинска активистка (Фото: СДК.МК)
Во САД, „Хабитат“ за Американците е поголема и позначајна хуманитарна организација од Црвениот крст и Црвената полумесечина.
Ако денеска се доделуваше признание за ударник на денот, тоа го заслужи градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој покажа најголемо познавање во градењето, работеше и делеше совети на другите. Но, и ги анимираше и забавувааше присутните со досетки од младинските акции и ги потпевнуваше акцијашките песни.
„Се собравме Титовите омладинци“, рече Јакимовски и ја пееше популарната акцијашка песна„Да нам живи, живи рад“ („Да ни живее, живее трудот“).
П. ПЕЧКОВ