Се зголеми цената на такси-превозот во Велес, откако Советот на Општина Велес ја усвои одлуката по барање на такси-превозниците регистрирани на територијата на Oпштината, со мнозинство гласови, 15 „за“ и три „воздржани“. Според одлуката, стартот на возењето ќе чини 70 денари и во него е вклучен еден километар. Секој нареден километар ќе се наплаќа по 30 денари, додека чекањето ќе чини 5 денари за минута.
Овие цени важат во периодот од 5 до 23 часот. Ноќната тарифа изнесува 35 денари по километар, додека останатите ставки остануваат исти како кај дневната тарифа. Последното зголемување на цената на такси-превозот во Велес беше во 2019 година.
Такси-превозниците барањето за повисоки цени го образложија со, како што наведоа, „значителни економски и пазарни промени кои директно влијаат врз трошоците за вршење на такси-дејноста“. Притоа, тие укажаа на зголемувањето на цените на горивата, порастот на трошоците за одржување и сервисирање на возилата, поскапувањето на резервните делови, зголемените трошоци за регистрација и осигурување, како и на другите законски давачки, зголемените трошоци за работна сила и придонеси.
Советикот Јованче Манасков побара паралелно со зголемувањето на цените да се зајакне и контролата на услугите што ги нудат таксистите. Тој посочи на потребата од подобра хигиена во возилата, јасно истакната лиценца, фер справување со нелегалните превозници, задолжително издавање фискални сметки, соодветно однесување на возачите и почитување на дрес-кодот, како и обезбедување паркинг-места за легалните таксисти.
Билетот за градскиот превоз во Велес чини 35 денари.
П. ПЕЧКОВ



