Парното греење во Скопје ќе поскапи од 1 декември, цената на топлинската енергија за домаќинствата ќе се зголеми во просек од 5.9 проценти, соопшти денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.
За корисниците кои се снабдуваат преку најголемиот систем (ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Снабдување и ЕСМ Производство) поскапувањето изнесува во просек 5,9%, додека за потрошувачите на ЕСМ Енергетика зголемувањето е 7,6%, а за Скопје Север – Енерџи Еко Линк околу 7,7%.
„Од 1 декември просечната сметка ќе биде зголемена за околу 130 денари, од сегашните 2.200 денари на 2.330 денари“, кажа Бислимоски.
Единствената причина за зголемувањето, како што рече тој, е потребата да се инвестира во дистрибутивната мрежа, која е изградена во 1960-тите години од минатиот век и со децении не е обновувана. Според него, во изминатите години мрежата имала повеќе сопственици, што резултирало со минимални вложувања, а тоа довело до голем број поплаки од граѓаните во текот на оваа грејна сезона.
Најголемиот систем снабдува околу 62.063 потрошувачи, додека во Железара има околу 1.900, а во Скопје Север околу 450 потрошувачи.
„Она што го побаравме и од ЕСМ е во наредниот период системот во Железара полека да се спојува со градскиот систем, бидејќи нема логика на една иста компанија да определуваме две различни цени. Во наредниот период, исто така, и во мрежата во Скопје Север се очекува да се приклучат повеќе основни училишта, како и гинекологијата во Чаир“, додаде тој. Најави дека во наредниот период ќе се спроведат активности за модернизација на мрежата, вклучувајќи длабинско скенирање на проблематичните делови.
Според Бислимоски, во октомври биле регистрирани 22.562 рекламации на топлинскиот систем, а во ноември бројот се намалил на 4.854, што е четирикратно подобрување.
„Очекуваме бројот на поплаки да се намалува веќе во декември, а по завршувањето на грејната сезона да започнат поголеми инвестиции“, додаде претседателот на РКЕ.
Бислимоски потсети дека парното греење и понатаму е најекономично решение.
Според него, анализите покажуваат дека доколку сите исклучени корисници повторно се приклучат на системот, сметките би се намалиле за околу 10 проценти.



