Директорот на Јавното претрпријатие (ЈП) „Паркинзи“ Зоран Михајловски, смета дека корекција на цените на паркинг услугите во Битола е неминовна, не само од економски туку и од еколошки аспект. Ставот на директорот Општина Битола го пренесе преку соопштение до медиумите.
Михајловски истакнува дека корекцијата е задолжително неопходна, „зашто веќе на сите им е јасно дека ова води кон потенцијално згаснување на претпријатието, а незамисливо е една урбана заедница како Битола да нема регулација на стационарниот сообраќај“.
„Наместо досегашниот пакет 40 денари за три часа, кој е надвор од секоја логика за регулација на сообраќајот во централната А зона и кој наместо да го одвратува непотребните паркирања, ги стимулира, на мислење сме дека треба да се воведе и ограничување на времетраењето на паркирањето во централната зона на еден или неколку часови. Време кое е доволно за да се завршат одредени обврски, а централното градско подрачје ќе се ослободи од традиционално непотребните патувања, а со тоа ќе се зголеми и бројот на слободни паркинг места во оваа зона“, смета Михајловски.
Вели дека со корекција на цената ќе се намали и бројот на паркинг сесии, од причина што некои возачи ќе започнат да користат алтернативни начини на превоз. Така се претпроставува дека бројот на паркинг сесии ќе биде околу 20% од сегашниот обем.
„Тоа ќе доведе до помалку метеж, бучава, загадување во централното градско подрачје. Уличната мрежа во градот е проектирана за да прифати 10.000 возила, а минатата година беа регистрирани околу 39.000. Овај раст на моторизација не може да биде следен од никакви други мерки освен со ефикасни сообраќајни политики кои градот, но и граѓаните мора да ги воспоставуваат и следат. Во скоро секое возило има по еден патник. Никој не споделува превоз, а зафаќа иста површина, загадува исто како и во возилото да се превезуваат 5 патници“, веи директрот на „Паркинзи“ Михајловски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



