ПОСЛЕ 45-ТАТА ГОДИНА НЕ Е ВАЖНО ДАЛИ ИМАТЕ ПИВСКО СТОМАЧЕ, ВАЖНО Е ДА ОДИТЕ НА УРОЛОГ, АПЕЛИРААТ ЛЕКАРИТЕ НА СВЕТСКИОТ ДЕН НА БОРБА ПРОТИВ РАКОТ

    ПОСЛЕ 45-ТАТА ГОДИНА НЕ Е ВАЖНО ДАЛИ ИМАТЕ ПИВСКО СТОМАЧЕ, ВАЖНО Е ДА ОДИТЕ НА УРОЛОГ, АПЕЛИРААТ ЛЕКАРИТЕ НА СВЕТСКИОТ ДЕН НА БОРБА ПРОТИВ РАКОТЛекарите велат дека пациентите малку знаат за превентивите лекарски прегледи. (Фото: СДК.МК)

    Раното откривање на ракот е најзначајно за здравјето на болните. Но, тие малку знаат за превентивите лекарски прегледи и можностите кои им ги дава здравствениот систем, рекоа учесниците на трибината „Превенција и рано откривање на рак“ која се одржа во Велес за Светскиот ден на борба против ракот, 4 Февруари.

    „Опфатеноста на жените за преглед за рак на грло матка лани беше 22 до 24 отсто кај женскта апопулација од 36 до 46 години. Мал е процентот на опфатеност со прегледи на жените во рурални средини, каде ги посетуваше т. н. рурален гинеколог, колеги од Клиниката за гинекологија во Скопје. Процентот беше 20 отсто. Се работи за сериозна болест на млада популација, со висок процент на смртност“, кажа д-р Аристотел Тренчев, специјалист гинеколог при Општа болница Велес.

    Поразителни се податоците од анкета на организаторот, швајцарската фабрика за медицински помагала „Ронтис“ во Велес, за здравствените навики на вработените. Тие не се доволно запознаени што треба да сторат за превенција од ракот. Од 200 вработени, 75 отсто воопшто не биле на мамографија, на ехо на дојка не биле 60 отсто. Или само 10 отсто биле на некаков превентивен лекарски преглед.

    „Главната порака за превентива од сите видови карциноми е да се живее здраво. Да не се пуши, да се јаде здрава храна со овошје и зеленчук, да се вежба, да се има нормална телесна тежина. За сите лица кај кои постојат ризик фактори, кои се сомневаат, потребно е порано да се јават на преглед“, рече д-р Весна Николова-Неделковска.

    Превенција за карцином на дојка е можна со редовни самопрегледи од страна на жената. Карциномот е болест која не ја погодува само жртвата, туку целото семејство.

    „Доењето според светските истражувања за 20 отсто го намалува ризикот од појава на рак надојка. Колку што може помалку или воопшто да не се користи хемија, суплементи, како превенција од канцерогени заболувања“, кажа д-р Елена Јаневска.

    Не само жените, туку и мажите се судруваат со карциномот. И тоа најчесто на простата, но не водат грижа за сопственото здравје.

    „После 45-тата година не е битно дали ви паѓа косата, дали имате пивско стомаче, битно е да го посетите вашиот уролог. Карциномот на простата има 98 отсто на преживување, ако рано се открие. Не дозволувајте да бидете во тие 2 проценти“, рече д-р Милка Панова.

    Таа работи во Службата за итна помош при Здравствен дом Велес и претходно кажа дека лани имале зголемен обем на работа со пациенти на кои им е потребна здравствена помош поради тоа што боледуваат од рак.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира