По 60 години, Штип ќе добие нов мост на реката Брегалница. Мостот се монтира на самиот влез во градот, а ќе ја поврзува индустриската зона со новите населби Пребег, Баби, Сењак и Дузлак.
Проектот за новиот мост, инвестиција вредна 58 милиони денари, го почна претходната локална власт која ги асфалтираше пристапните патишта од двете страни. Се очекува до крајот на ноември мостот да биде пуштен во употреба.
„Монтажата ќе заврши за десетина дена. Веќе се поставени главните челични носачи и до крајот на оваа недела ќе се монтираат сите конструктивни елементи. Наредната недела ќе ги монтираме секундарните елементи, по што ќе следат бетонирање и асфалтирање на коловозната плоча“, вели Илија Николов, директор на компанијата „Актива“, која е изведувач на работите.
Мостот е со тежина од 240 тони. Долг е 60, а широк 10 метри и ќе има две коловозни ленти и тротоар за пешаците.
„Ќе настојуваме до крајот на годината да инсталираме и осветлување на мостот и на целата обиколница, која ќе значи големо растоварување на сообраќајот на самиот влез во Штип“, вели градоначалникот на Штип Благој Бочварски.
Штипските сообраќајни планери сметаат дека поголемиот дел од возниот парк на индустриската зона ќе ја користи новата обиколница.
Мостот е без потпорни столбови, туку има челичен носечки лак и е единствен од ваков вид во Македонија. Тоа е четврти мост на Брегалница во пределот на Штип. Последниот мост беше изграден пред 60 години во близина на Градскиот стадион. Мостот во Штипско Ново Село е изграден во минатиот век, а најстариот мост, кај населбата 8 Ноември, датира од 1672 година и е познат како Емир Ќучук Султанов мост.
Т. ЈОВАНОВСКИ