Лани градот во Велес и во Велешко е зголемен бројот на родени бебиња, за првпат по една деценија. Во Велес лани имало 348 новороденчиња, што е за 54 повеќе од 2020, додека во општината има 542 наспроти 512 во претходната година, според податоците од Здравствениот дом, служба за превентивна здравствена заштита за предучилишните деца, каде новороденчињата се евидентираат по местото на живеење на мајката.
Опаднат е бројот на новороденчиња од селата во Општина Велес, како и во Општина Чашка за осум, додека во Општина Градско има четири повеќе од 2020.
Во градот Велес, 177 новороденчиња се машки, а 171 женски, во селата по 34 од обата пола, исто како и во Општина Градско по 10, додека во Општина Чашка се 55 машки и 51 женски.
Една третина од новороденчињата од Велес, 119, се родени во Скопје, однос што е присутен последните неколку години. Има бебиња родени и во Битола, Кавадарци, Штип и Струмица. Исто така, повеќето од бебињата од велешките села се родени во Велес – 52, а дел во Скопје – 16. Новороденчињата од Општина Градско, освен во Велес се раѓаат и во Скопје, Кавадарци и Струмица. Тие од Општина Чашка се родиле во Велес, во Скопје, Тетово и Битола. Во оваа општина две бебиња се родиле дома.
„Од година во година имаме помалку родилки од Повардарјето, повеќето се од Велес и Свети Николе. Кога дојдов на ова одделение, пред 35 години, помнам дека имавме годишно 1.400 породувања, се породуваа од Кавадарци, Неготино, Демир Капија, сега се 400. Трудниците можат да дојдат, безбедно да се породат на ова одделение, да имаат здрав пород, тие да се здрави и живи и среќни да заминат дома со бебето“, вели гинекологот примариус д-р Атанас Василев.
Лани на Акушерското одделение од Велешката болница се родиле 396 бебиња, што е за 16 помалку до 2020 кога се родиле 412 бебиња. На ова одделение се породуваат родилки од Велес, од Чашка, Градско, Лозово, но и од Свети Николе.
П. ПЕЧКОВ