По година и пол пауза, продолжи изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп. Градежниците од компанијата „Штрабаг“ деновиве ги продолжија работите на делницата Градско – Дреново, кои претходно беа оставени од италијанскиот изведувач „Тиренаскави“. На делницата Дреново – Фариш наместо шпански „Рубау“ ќе гради кинески „Синохидро“.
Деновиве, изведувачот „Штрабаг“ работи на клучката и надвозникот кај Градско. Рокот на изведба е две години. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски најавува дека патот ќе биде готов за пократок период.
„За две години отсега, граѓаните ќе се возат по брз, модерен и безбеден експресен пат кон Прилеп. Овој пат е потребен заради побрза комуникација, безбедност и развој на економијата. Правиме сè да го финишираме пред рокот“, рече Бочварски.
По заминувањето на претходните изведувачи, и на двете делници од Градско до Дреново и Дреново – Фариш 35 отсто од работите биле завршени. Инвестицијата е 25 милиони евра, од нив 21,75 милион се од ИПА фондовите, а остатокот од државниот буџет. Експресниот пат е со должина од 15,5 километри, предвидени се пет вијадукти и мостови, по четири натпатници и потпатници, и две клучки кај Градско и Росоман. Новиот пат ќе биде широк 12 мети, со две ленти за возење и две за застанување. Дневно, делницата Градско – Прилеп ја минуваат во просек по шест илјади возила, од различни категории.
П. ПЕЧКОВ