Заврши поставувањето на модуларната болница во Струга. На површина од 600 метри квадратни во кругот на самата болница објектот располага со капацитет од 35 кревети, лабораторија и опрема потребна за лекување на пациенти позитивни и суспектни на ковид-19.
Доопремувањето на внатрешноста ќе се врши деновиве со што првите пациенти ќе бидат примени на средината од овој месец. Од Општата болница велат дека недостасува медицински кадар кој ќе работи со заболените од коронавирусот.
„Во следните две до три недели ќе сме подготвени да ги примиме првите пациенти во новата болница што ќе значи една олеснителна работа за персоналот и за самите пациенти, но имаме потреба од ангажирање на нов персонал“, вели Мухамед Асани директор на Општа болница Струга.
Според Асани во Струшката болница деновиве се зголемува бројот на заболени кои претежно биле лица од дијаспората кои за празниците се вратиле дома.
„Со нашите врабoтени во странство кои дојдоа е зголемен обемот на работа. Имаме случаи што се позитивни од тие што се дојдени. Но сепак не е нешто што може да ни го поремети работењето во болницата“ вели Асани.
Моментално во Струшката болница хоспитализирани се 45 пациенти, од кои најголемиот дел се на кислородна поддршка.
С. ВРЕНЦОВСКА