ПОСТОИ ОПАСНОСТ ОД ПАД НА КАРПАТА ШТО ВИСИ НАД БРАНАТА „МАТКА“, НО НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПРЕДВИДИ КОГА БИ СЕ СЛУЧИЛ, ВЕЛИ КОМИСИЈАТА ЗА БРАНИ

    ПОСТОИ ОПАСНОСТ ОД ПАД НА КАРПАТА ШТО ВИСИ НАД БРАНАТА „МАТКА“, НО НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПРЕДВИДИ КОГА БИ СЕ СЛУЧИЛ, ВЕЛИ КОМИСИЈАТА ЗА БРАНИКарпата се наоѓа на височина од стотина метри над самиот ѕид на браната (Фото: ЦУК)

    Комисијата за брани при Министерството за животна средина утврдила дека постои очигледна опасност од одрон на 20 тони тешката карпа што се надвиснува над браната „Матка“, но речиси е невозможно да се предвиди кога тоа би можело да се случи. Центарот за управување со кризи (ЦУК) одржал состанок со претставници на надлежните институции набргу откако „ЕВН Електрани“ побарал да се испита стабилноста на карпата.

    „Комисијата за брани, составена од градежни и геолошки експерти, заклучи врз основа на фотографиите дека опасноста од одрон е очигледна и блоковите се блиску до гранична рамнотежа. Ова значи дека со некои моментални влијанија, како мраз или земјотрес, блокот може да стане нестабилен. Кога би се случил одронот е тешко да се предвиди исто како и земјотрес. Како што рековме и порано, оваа карпа може да остане таму уште сто години, но и може да се урне во моментов“, изјави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

    Од ЦУК претходно кажаа дека нема назнаки дека карпата, која се наоѓа на височина од 100 метри, би можела да падне во реката Треска во скоро време, додека од „ЕВН Електрани“ сметаат дека во тој случај, сепак, не би бил загрозен ѕидот на браната.

    Ангелов вели дека продолжуваат со анализите на состојбата на карпата, особено на траекторијата на нејзиниот можен пад.

    „Контролирано уривање на карпата би било ризично. Друга опција е да се зацврсти на самото место“, кажа Ангелов.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира