ПОСТОИ ОПАСНОСТ ОД УРИВАЊЕ НА МОСТОТ ВО СЕЛО ПЧИЊА, НИКОЈ НЕ ГИ ИЗВЕСТИЛ ЖИТЕЛИТЕ ДА НЕ ГО КОРИСТАТ

    ПОСТОИ ОПАСНОСТ ОД УРИВАЊЕ НА МОСТОТ ВО СЕЛО ПЧИЊА, НИКОЈ НЕ ГИ ИЗВЕСТИЛ ЖИТЕЛИТЕ ДА НЕ ГО КОРИСТАТМостот е оштетен уште од минатата поплава од 2013 година, и тоа го знаат сите државни и локални институции. (Фото: СДК.МК)

    Поради зголеменото ниво на водите во реката Пчиња, постои опасност од уривање на мостот во истоименото кумановско село Пчиња, кој е доста оштетен. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) преку соопштение до медиумите најавија дека поради надоаѓање на големи количини на вода ќе се зголеми притисокот на мостот, поради што треба да се преземат мерки заштита на граѓаните.

    „По добиеното предупредување од Водостопанство дека мостот во селото Пчиња има слаба конструкција, а зголеменото ниво вода од Крива Река ќе дојде до реката Пчиња за околу два часа ќе има зголемен притисок на мостот. Од Секторот за операции и координација на ЦУК се запознаени локална самоуправа, ДЗС и МВР, за да се дејствува превентивно за запазување на безбедноста на граѓаните“, соопштува ЦУК.

    И од АМСМ информираат дека во кумановското село Пчиња има собрани дрвја и гранки под мостот на реката Пчиња, со што е намален протокот на реката, па постои опасност од излевање и оштетување на мостот.

    Меѓутоа жителите на селото и претставниците на месната заедница Пчиња велат дека нив никој не ги известил ни лично, ниту по телефон дека има најава за поплави и дека мостот е во опасност. Утринава на мостот биле видени екипи на МВР и ЦУК, по што си заминале без да дадат некакви инструкции на населението.

    „Од медиумите дознавме дека мостот е во опасност и треба да се преземат мерки за заштита на граѓаните. Ако е точна информацијата дека ќе има зголемена количина на вода овде треба да дојде овластено лице да го затвори мостот, да постави лента и да го регулираат сообраќајот. Вака сме препуштени сами на себе. Ги повикуваме надлежните да го сторат тоа што побрзо, за да не дојде до некоја несреќа“, вели Александар Илиевски, претседател на месната заедница во селото Пчиња.

    Утринава на мостот биле видени екипи на МВР и ЦУК, по што си заминале без да дадат некакви инструкции на населението. (Фото: СДК.МК)

    Тој вели дека мостот е оштетен на минатата поплава од 2013 година, и тоа го знаат сите државни и локални институции, но и покрај сите ветувања веќе 10 години никој не преземал обврска да го поправи. Пред секои избори ги посетуваат политичарите, но решение за нивниот проблем се уште нема.

    „Мостот е во многу лоша состојба, оштетен е 99,9 отсто. Скршени се двата главни столбови кои ја држат средината на мостот, а и другите се оштетени. Прашање на време е кога ќе падне, дали од поплава или од тежина. Поминуваат луѓе со трактори тешки и по 7 тони. Патот се води како регионален поврзува уште 3 кумановски села и неколку скопски. Ние бараме со години наназад мостот да се поправи или да се изгради нов, но има најава дека во 2024 година општината ќе одвои средства за негова реконструкција“, додава Илиевски.

    Тој вели дека доколку се урне мостот околу 250 жители ќе останата без единствената врска кон Куманово, ќе се отсече училиштето, како и селата Вакв, Винце и Длга. Мостот е изграден во седумдесетите години на минатиот век и оттогаш не е поправен.

    И додека ги чекаат надлежните, од месната заедница преку здружението Еко Пчиња преку социјалните мрежи апелираат до жителите и посетители на с. Пчиња во наредниот период со огромна внимателност да се движат и да не поминуваат со тешки товарни возила по мостот.

    „Поради најава од ЦУК дека се очекуваат поплави од поголем размер, а бидејќи мостот е во критична состојба има големи шанси да се урне. Уште еднаш, апелираме до надлежните органи да преземат мерки што е можно во пократок рок“, напишаа од месната заедница.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира