На битолчанецот Влатко Крбалески и денот и годината му започнуваат со Пелистер. Тој секое утро го започнува со поглед низ прозорецот од својот дом кон Пелистер, по што следуваат повеќечасовни искачувања и авантури низ планината. Ваквите доживувања како да се логичен низ на настани, оти тој и Новата година ја започнува на Пелистер. Имено пет години со ред на први јануари се искачува до највисоката точка на планината.
„Нема поубав начин да се започне годината“, вели тој.
„Многу планинари го потценуваат Пелистер, но не е ни најмалку за потценување, знае да биде многу суров и опасен, посебно во зимскиот период. Пред една до две недели, одејќи на врв по прочуениот Камењар, нѐ зафати страшен ветар со снег. Морав да вратам дел од групата назад, а со остатокот да продолжам кон самиот врв, каде што наидовме на ветар преку 80 километри на час со страшна виулица од снег“, раскажува Крбалески.
Крбалевски планинари шест години, а веќе половина од тоа време, скоро три години, минал на планина. Шест години бројат 2.190 денови, а тој 1.050 денови поминал на планини во земјава и странство. Имал 675 искачувања.
Тој е еден од најредовните посетители на Пелистер. Ни снегот до половина, сибирските температури не го натераа зимава да мирува. Скоро секој втор ден се искачуваше на Пелистер. Со неговите авантури ја запознаваше јавноста постирајќи фотогрфии и клипови на социјалните мрежи од тешко достапни планински места и прекрасни зимски пејзажи.
ДА НЕ СЕ ПЛАНИНАРИ БЕЗ ОБУКА И ОПРЕМА
Како член на планинарско спортскиот клуб „Пелистер“, вели дека често пати посетителите на Пелистер не се доволно обучени и опремени.
„Пред 4 години, неколку планинари залутаа, па моравме да интервенираме. Беше доцна во ноќта, а тие беа група од Скопје и недоволно го познаваа Пелистер. Ги пронајдовме видно исплашени, изнемоштени, премрзнати и со заеднички напори успеавме да стигнеме до планинарскиот дом на Големо Езеро“, вели Крбалески.
РАЗГАЗУВААТ ПАТЕКИ КАДЕ ВОЗИЛО НЕ СТИГНУВА
Тој вели дека за него секоја тура носи своја авантура. Искачувањата траат понекогаш и до десет часа во еден правец.
„На Пелистер му се неопходни многу нешта за да биде развиен туризмот. Како за пример, обновувањето на планинарскиот дом Копанки, кој беше синоним за планинарството во Македонија и пошироко. За жал, веќе три години како е опожарен. Многу често сиве овие години ги пробивам патеките ширум Пелистер и тука ‘Македонија пат’ не може да превземе ништо бидејќи не постои таква технологија која може да разгазува снег како што можеме ние, луѓето, бидејќи патеките се недостапни за возила“, вели Крбалески.
За овие 6 години поминати на планина успеал да ги искачи скоро сите планински врвови во Македонија: Пелистер, Магаро, Солунска Глава, Титов Врв, Кораб, Кајмакчалан, Козјак, Љуботен, Јабланица, Црн Камен и многу други. Од Бугарија бил на Мусала, кој со 2.925 метри се смета за највисок врв на Балканот, и други врвови во Грција. Во 2013, за само две години од неговите почетоци во планинарењето, успеал да го искачи највисокиот врв во Европа, на масивот Кавказ во Русија, врвот Елбрус со 5.642 метри. Во 2016 го освоил највисокиот врв на Алпите, Мон Блан со 4.810 метри од француска страна.
Ж. ЗДРАВКОВСКА