ПОТВРДЕНА ОДЛУКАТА НА ОПШТИНА ЦЕНТАР ЗА НИШТОВНОСТ НА ОДОБРЕНИЕТО ЗА ГРАДБА НА „ШПАНСКИ СКАЛИ“ НА ПЛОШТАД МАКЕДОНИЈА

    ПОТВРДЕНА ОДЛУКАТА НА ОПШТИНА ЦЕНТАР ЗА НИШТОВНОСТ НА ОДОБРЕНИЕТО ЗА ГРАДБА НА „ШПАНСКИ СКАЛИ“ НА ПЛОШТАД МАКЕДОНИЈАНа местото каде што сега има плочник и тревник требаше да се гради барокна зграда. - Поглед на Плоштад Македонија кон ГТЦ (Фото: СДК.МК)

    Второстепениот орган при Министерството за транспорт и врски ја потврди одлуката на Општина Центар за ништовност на одобрението за градба на објектот „Шпански скали“ на Плоштад Македонија, одбивајќи ја жалбата на инвеститорот „Амадеус девелопмент“, соопшти општината.

    Општина Центар го огласи за ништовно одобрението за градба на спорниот објект од проектот „Скопје 2014“ на 12 мај годинава затоа што инвеститорот не почнал со градежни активности во рок од две години од добивањето на одобрението, колку што е законскиот рок. Инвеститорот потоа ја обжалил оваа одлука до Министерството за транспорт и врски.

    „Второстепениот орган, откако детално го разгледал обжаленото решение и наводите во жалбата, констатирал дека Општина Центар детално го образложила и пресметала рокот од 2 години од денот кога одобрението за градење станало правосилно, а со тоа изминал и рокот за отпочнување на градба. Со ова, второстепениот орган укажал дека Општина Центар правилно ги проценила и увидела дека се исполнети условите за огласување на ништовно одобрение за градење. Оттука, Општина Центар постапила правилно и не го повредила законот како на нејзина штета, така на штета на граѓаните, а најмалку на штета на жалителот во постапката.“, се вели во соопштението на Општина Центар.

    Во Кривичниот суд во тек е судење за продажбата на државно земјиште, каде што требаше да се гради објектот. Обвинети се за незаконска продажба се поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште десет лица.

    Станува збор за парцела од 1.046 метри квадратни на Плоштадот, кој сега е плочник со тревник. Ова државно земјиште во 2013 година тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ, преку Министерството за транспорт и врски, кога министер беше Јанакиески, го продаде на фирмата од Албанија „Амадеус девелопмент“ за 1,5 милиони евра, за да се гради барокна зграда.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира