Застапниците на доверителите реагираа дека АД „Повардарие“ од Неготино прави сè да се оддолжи постапката за отворање стечај, а во тој период имотот се распордава и покрај забраната за отуѓување. Во преполната судница на Основниот суд во Велес се одржа рочиште за отворање стечај, но пред почетокот застапникот на должникот „Повардарие“, адвокат Васил Томановиќ, побара изземање на стечајниот судија и претседателот на Основен суд Велес.
Ова доаѓа откако на 2 јули Томановиќ побара Основен суд Велес да не биде надлежен за овој стечај, туку било кој друг. После три месеци Врховен суд ова барање го одби, по што на денешното рочиште следеа нови две барања за изземање. Тоа ги револтираше присутните во салата.
„Во меѓувреме, се раскрчмува имотот на должникот и се оневозможува конечно стечајот да се отвори и времениот стечаен управник да влезе и да ги земе работите под контрола, а доверителите да се намират. Со ваквото однесување на должникот, кога имотот се продава, пари за неспорните доверители нема да има, ако се продолжи со толерирање на ваквото постапување“, рече Љупчо Милошевски, правник во Стопанска Банка АД Битола.
Тој побара побрза реакција на судовите, за да им овозможи да си ги наплатат побарувањата. Со идентичен став, дека „Повардарие“ од Неготино бара и наоѓа начини да го одолговлечи отворањето на стечај се и други правни застапници.
„Овие барања се класична злоупотреба на одбраната на должникот и уште еден обид да се пролонгира постапката за стечај која е од итен карактер, а се води пет месеци. Целта е јасна, одолговлекување на постапката“, рече Никола Стојков, застапник на повеќе лозари кои се доверители оти со години не им е исплатено откупеното грозје.
Барањето за отворање стечај во „Повардарие“ е поднесено од повеќе лозари кои заедно побаруваат милионски суми и споено во еден предмет.
П. ПЕЧКОВ