Собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање на денешната седница одлучи да се повлечат Предлог-законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата и Предлог-законот за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата.
Од еколошката организација Фронт 21/42 ја поздравија ваквата одлука за повлекување на Предлог-законите за Охридско Езеро и Студенчишко Блато.
„Искрено го поздравуваме ваквиот потег и се надеваме дека Министерството за животна средина и просторно планирање во најскоро време ќе отпочне широки консултации со сите засегнати страни за доследно да се вградат препораките на Бернската конвенција и да се обезбеди ефективна заштита каква што заслужуваат овие две исклучително значајни меѓународно заштитени подрачја“, велат од Фронт 21/42.
Фронт 21/42 претходно достави Претставка до релевантните собраниски комисии со укажување на неусогласеноста на Предлог-законите со Уставот и барање за стопирање на процесот за нивно усвојување.
„Во оваа смисла, се надеваме дека повлекувањето на Предлог-законите означува почеток на блиска соработка меѓу институциите и граѓанскиот сектор која ќе резултира со вистинска заштита на нашето најголемо природно богатство, но и унапредување на владеењето на прaвото во нашата земја“, додаваат од Фронт 21/42.
Екологистите реагираат и на назначувањето на ЈП „Колекторски систем“ за управувачко тело на Охридското Езеро.
С. ВРЕНЦОВСКА