Попладнево околу 15 часот избувна пожар во лимената гаража на струмичкиот суд, која се наоѓа на паркингот позади зградата. Најмалку две возила се опожарени, од кои едното во гаражата која целосно изгоре. Станува збор за ново судско возило кое било осигурано, а беше опожарен и автомобил кој беше во непосредна близина на лимените гаражи.
Портпаролката на судот Цона Каламерникова ни изјави дека во пожарот изгорело новонабавеното судско возило, но и одземени предмети од правосилни судски пресуди. Како што рече таа, дополнително ќе се утврдат причините за пожарот кој ги вознемири жителите во центарот на градот.
Струмичката пожарна служба со три возила успеа да го локализира пожарот кој предизвика и прекин во електричната енергија и телекомуникациските линии, со оглед дека беа зафатени и жиците над гаражата.
Засега нема информација како настанал пожарот. Очевидци тврдат дека слушнале нешто како мини експлозија, по што настанал пожарот кој набрзина се проширил по целата гаража, во која освен возила имаше и друг материјал кој што гореше.
В. ТРАЈКОВ