ПОЖАР ВО ХОТЕЛ ВО ЛАГАДИН, ПОЖАРНИКАРИТЕ ЕДВАЈ ДОШЛЕ ПОРАДИ БЛОКИРАНИТЕ УЛИЧКИ

    ПОЖАР ВО ХОТЕЛ ВО ЛАГАДИН, ПОЖАРНИКАРИТЕ ЕДВАЈ ДОШЛЕ ПОРАДИ БЛОКИРАНИТЕ УЛИЧКИПротивпожарното возило заглавило уште при влезот во населбата, кога не можело да се приклучи од регионалниот пат кон куќите. (Фото: Принтскрин од видео)

    Вчеравечер избувнал пожар во котларата на хотелот „Вила Бисера“ во охридската населба Лагадин. Поради непристапниот терен, противпожарното возило не можело директно да стигне до местото на настанот, поради што пожарникарите интервенирале со џип. Пожарот во меѓувреме го изгаснал хаусмајсторот вработен во објектот, а пожарникарите извршиле дополнителна интервенција и проверка на местото.

    Хотелот се наоѓа во највисоката зона на населбата Лагадин која главно е со приватни куќи и викендички. Пристапот до хотелот води низ тесните и стрмни улички низ населбата. Очевидците на пожарот кои ни испратија видео, велат дека големото противпожарно возило заглавило уште при влезот во населбата, кога не можело да се приклучи од регионалниот пат кон куќите.

    Според првичните информации, најверојатна причина за избувнувањето на пожарот е техничка неисправност.

    Пожарот се случи два дена по протестот на локалните жители и еко-активисти од Лагадин, кои со повремено блокирање на сообраќајот на регионалниот пат кон Свети Наум, предупредија на опасностите од неконтролираната урбанизација и непланското градење на сместувачки капацитети, што ја загрозува безбедноста на населбата.

    За „Вила Бисера“ е врзан и случајот од 2019 кога сопственикот го затрупал поројното корито, кое и покрај инспекциското решение и кривичната пријава до Основото јавно обвинителство (ОЈО) Охрид, не го вратил во првобитната состојба.

    Заменик-командирот на Територијалната противпожарна единица Охрид, Коста Кузмановски, посочува дека ваквите ситуации со отежнат пристап се чести и дека пожарникарите постојано се соочуваат со проблемот на тесни улици и непрописно паркирани возила.

    „Постојано се соочуваме со вакви проблеми, особено во стариот дел на градот и во населбата Гоце Делчев, каде тесните улици и непрописно паркираните возила можат сериозно да го отежнат пристапот на противпожарните возила“, вели Кузмановски.

    Проблемот е особено изразен во летниот период, кога поради зголемениот број жители и туристи, сообраќајниот метеж и непрописното паркирање се дополнително зголемени.

    Од противпожарната единица апелираат до граѓаните да бидат совесни при паркирањето и да не ги блокираат пристапните улици и патишта, имајќи предвид дека во итни ситуации секоја секунда е важна и непречениот пристап на пожарникарите може да биде од клучно значење за спасување човечки животи и имот.

    Во врска со претходниот случај на хотелот „Вила Бисера“ кој од година в година се надградува, жителите од здружението „Стар Лагадин“ на 29 март 2019 реагираа до тогашниот в. д. градоначалник Коста Георгиевски дека сопственикот на објектот бесправно го затрупува коритото на поројот кој минува низ средината на населбата Лагадин.  Тие тогаш побараа итна интервенција од органите на Општината за доведување на коритото на поројот во првобитната состојба предвидена со Законот за води, затоа што веќе голем дел од населбата е доведена во опасност од поплави и наноси.

    Една недела подоцна, на 3 април 2019, градоначалникот Георгиевски им одговори дека овластен инспектор за заштита на животна средина извршил увид на лице место и констатирал дека газдата на хотелот при изведување на градежни активности во должина од 60-70 метри го има затворено поројното корито. „На еден дел од поројното корито има изградено и градежен објект покрај кој објект има поставено пластични цевки за прибирање на водите од поројното корито на кои не можеше да им се види испустот под мостот во непосредна близина на трасираниот пат“, стои во одговорот на тогашниот в.д. градоначалник.

    На 5 јули 2019, в.д. градоначалникот го известил „Стар Лагадин“ сопственикот не го вратил поројното корито во првобитна состојба, туку се жалел на Второстепена комисија која немала донесено одлука, а Општината поднела кривична пријава против него до Основото јавно обвинителство (ОЈО) Охрид.

    Од тогаш нема информации дали случајот има завршница.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира