ПОЖАРНИКАРИТЕ СЕ ПОИЗЛОЖЕНИ НА РИЗИК ОД РАК ПОРАДИ ЧАДОТ ШТО ГО ВДИШУВААТ ПРИ ГАСНЕЊЕТО НА ПОЖАРИ

    ПОЖАРНИКАРИТЕ СЕ ПОИЗЛОЖЕНИ НА РИЗИК ОД РАК ПОРАДИ ЧАДОТ ШТО ГО ВДИШУВААТ ПРИ ГАСНЕЊЕТО НА ПОЖАРИТетовските пожарникари добија обврзувачка наредба дека не смеат да интервенираат при гаснење пожар без да бидат целосно опремени (Фото: СДК.МК)

    Пожарникарската работа е една од најопасните професии, но сега, со некои медицински истражувања се дошло до сознанија дека пожарникарите се и во многукратно поголем ризик да добијат некое канцерогено заболување поради чадот што го вдишуваат при гаснењето пожари.

    Тетовските пожарникари овој месец добиле обврзувачка наредба дека не смеат да интервенираат при гаснење пожар без да бидат целосно опремени, токму поради заштитата на нивното здравје.

    „Ние пожарникарите поради работата која ја вршиме, поради чадот што го дишеме кога интервенираме при гаснење пожари, имаме проблеми со нашето здравје. Според една медицинска статистика на која наидов, пожарникарите се 44% повеќе загрозени од појава на канцер во однос на останатата популација. Досега, сакајќи што побрзо да спасиме нечиј живот при пожар, знаевме честопати да интервенираме и без да ја користиме сета заштитна опрема. Затоа, од овој месец наредив, кога се интервенира при пожар, било на отворен или во затворен простор, пожарникарот мора да има заштитна опрема како што е дрегерот со цел да се заштити неговото здравје“, вели Авни Амети, командир на Противпожарната бригада на Тетово.

    Во споредба со другите години, минатата имавме рекордни 984 интервенции, велат тетовските пожарникари (Фото: СДК.МК)

    Последниов период тетовските пожарникари многу подобро се опремени отколку што беа пред неколку години и тоа најмногу благодарение на бројните донации од странство и од домашни фирми, но и со најсовремената опрема секогаш постои опасност од вдишување на отровниот чад. Токму затоа, тетовските пожарникари успеале да добијат два термина за да се релаксираат во затворениот базен во Тетово, а можат да користат и теретаната во пожарната и уште една приватна теретана. Ваквата релаксација навистина им е потребна бидејќи имаат обемна работа преку целата година.

    „Во споредба со другите години, 2024 за нас беше рекордна со извршени 984 интервенции. Најмногу од нив беа за гаснење пожари, но имавме интервенции и при сообраќајни несреќи и поплави, при што минатата година имавме две големи поплави во градот. Досега оваа година сме имале 44 интервенции во затворен простор и тоа најчесто поради запалени оџаци, а имавме и неколку интервенции при пожари во подруми“, додава Амети.

    Тетовската противпожарна бригада сега брои 100 пожарникари, а за да биде целосно функционална, потребни се уште 50. Минатата година беше отворено одделение на ППБ во Желино, а оваа година се очекува да бидат отворени уште две одделенија во руралните општини во Полошкиот Регион.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира