Пожарот на територија на Чучер-Сандево и покрај интервенциите од воздух, сè уште е надвор од контрола. Како што соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК), хеликоптерите се повлечени оти се стемни и ќе продолжат да интервенираат утре во 5 часот.
„Во текот на денешниот ден на терен интервенираа сите расположливи сили и средства, општински служби, физички и правни лица, како и екипи од Пожарна, Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), Центар за управување со кризи и Министерство за внатрешни работи (МВР). Сите капацитети се ангажирани, но условите на теренот се исклучително тешки. Голема е вознемиреноста кај населението, бидејќи чадот се проширува низ целата општина и селата Чучер, Мирковци, Глуво, Бразда, сè до Бутел. Истовремено, регистриран е и нов пожар во атарот на село Кучевиште, кој зафаќа голема површина и се наоѓа во близина на куќи“, велат од ЦУК.
Раните изутринава беше пружена воздухопловна поддршка со три летала, а попладнето со уште еден воздухоплов. Поради временските услови, се очекува пожарот во текот на ноќта делумно да се стиши, што би овозможило поефикасно дејствување на теренот утре.
„За утре е планирано акциите да започнат уште во 5:00 часот, со ангажирање на сите институционални и општински сили на целата зафатена површина, со поддршка од два воздухоплова на МВР. Во вечерните часови, екипите ќе останат на терен и ќе интервенираат согласно приоритетите и потребите“, велат од ЦУК.
Советот на Општина ЧучерСандево денес на вонредна седница донесе одлука за прогласување вонредна состојба на територијата на општината.