ПОЖАРОТ ВО ЕЗЕРАНИ СТАВЕН ПОД ЦЕЛОСНА КОНТРОЛА, ЌЕ ИМА НЕГАТИВНИ ПОСЛЕДИЦИ ВРЗ ЖИВОТИНСКИОТ СВЕТ 

    ПОЖАРОТ ВО ЕЗЕРАНИ СТАВЕН ПОД ЦЕЛОСНА КОНТРОЛА, ЌЕ ИМА НЕГАТИВНИ ПОСЛЕДИЦИ ВРЗ ЖИВОТИНСКИОТ СВЕТ Огнот зафати околу 300 хектари трска од заштитеното подрачје.(Фото: СДК.МК)

    Пожарот во Паркот на природата Езерани во Преспа е ставен под целосна контрола, соопшти Стојанче Ангелов директор на Дирекцијата за заштита и спасување.

    „Сѐ уште на некои места има догорувања во внатрешноста на опожарениот простор, но нема опасност од негово ширење. Противпожарните екипи работат на доизгаснување на остатоците и ќе продолжат со патролирање во текот на ноќта“, рече Ангелов.

    Пожарот изби пред неколку дена и вчера беше ставен под контрола, но потоа повторно се разгори. Во гаснењето учествуваше и ер-трактор од Дирекцијата за заштита и спасување, Противпожарната единица од Ресен, вработени во Паркот, во Националниот парк Галичица, од Општината и локално население.

    Огнот зафати околу 300 хектари трска од заштитеното подрачје. Нема опасност по домовите на околните населени места, но загрозен е животинскиот свет во Паркот.

    Во Паркот на 1.917 хектари живеат голем број ретки и загрозени растителни и животински видови поради што се наоѓа на признати светски листи за значајни подрачја. Дом е на 216 видови птици од кои дел глобално загрозени што претставува 66% од птиците на национално ниво или 42% од вкупниот број птици регистрирани во Европа. Меѓу нив и најголемата колонија на далматински пеликани. Во Езерани живеат 30 видови цицачи, безрбетници, водоземци и влечуги меѓу кои и балкански ендемити, кои се дел од природното богатство на Македонија.

    Градоначалникот на Ресен Јован Тозиевски рече дека биле мобилизирани сите расположливи сили за да се изгаси огнот и се сомнева оти е подметнат.

    „Уште пред недела и половина се запали во близина на селото Перово. Го изгасивме, а пред четири дена повторно вивна во Паркот. Вчера се обидовме да фатиме и еден потпалувач. Не е првпат да го палат. Ние гаснеме, а други потпалуваат. Не може да се каже точно зошто, едни за плодно земјиште, други за печурки, а трети пиромани. Битката за спас продолжува деноноќно“, вели Тозиевски.

    Ж.ЗДРАВКОВСКА  

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира