Во Велес, во текот на вчерашниот ден регистрирани се два нови позитивни на ковид-19, оздравени нема, нема починати, соопштија од Центарот за јавно здравје. Со ова, активни лица во Велешко се 39, досега се заразени 185, 13 се починати.
„Едното лице е велешанец кој деновиве се вратил дома од Србија, се тестирал и резултатите покажале дека е позитивен. Второто заразено лице е од поголема фирма во градот, од каде има повеќе негови колеги кои се ставени во изолација“, изјавија од Центарот за јавно здравје.
На Инфективно одделение во Велешката болница, состојбата е како и вчера, хоспитализирани се 15 лица, 14 се потврдено позитивни, за еден се чекаат резултати, а четворица се на кислородна поддршка. Две лица од Велес се лекуваат во приватна клиника во Скопје, а 26 се на домашно лекување.
Во текот на вчерашниот ден, регистрирани се два позитивни случаи на велешки полицајци на служба во СВР Велес, а во неделата имаше нивен колега велешанец граничен полицаец од полициската станица Петровец.
П. ПЕЧКОВ