Државата треба да ги мотивира лицата и семејствата да згрижуваат деца без родители или деца со посебни потреби, рече Оливера Миленковска од Скопје која работи како згрижувач во СОС Детско село на денешното отворање на Центарот за поддршка во Струмица. Миленковска во Детско село оди веќе пет години и во моментов се грижи за три мали деца но, како што вели, нема мотивација од државата. Тоа го работи од љубов, бидејќи нејзините деца се возрасни и самостојни.
„Постојано зборуваме дека е важен овој процес на згрижување деца без родители, но треба да имаме мотив да чуваме деца. Финансиската поддршка е многу важна. Треба да се стимулираат згрижувачите да имаат некој минимален финасиски надоместо, но и да имаат право на пензија, породилно боледување“, вели Миленковскаи додаде дека ќе згрижи и деца во својот дом.
Во земјава постои потреба од згрижување на најмалку 500 деца, а преку овој процес опфатени се само 360. Потребата се зголеми по затворањето на институциите. Како што кажа Јулијана Гапо, директорка на СОС Детско село – Центар за поддршка на згрижувачки семејства, државата ќе мора да направи стратегија како да се згрижат децата без родители или деца со посебни потреби.
„Како држава не направиваме добар план и стратегија за згрижување на децата без родители по затворањето на инсититуциите. Нема доволно мотивирачки околности за згрижувачите кои не добиваат никаков надомест. Лобираме пред државата, бидејќи тие преземаат голема одговорност, а немаат никакви права. Онаа што го добиваат во моментов згрижувачките семејства е надоместок за детето за негово школување и негови потреби како облека, обувки“, рече Гапо.
Таму работат десетина згрижувачи, но не примаат никаков надомест, исто како и околу 80 други згрижувачки семејства во Скопскиот и Вардарскиот Регион. Пред две години се отворија три Центри за поддршка на згрижувачките семејства, два во Скопје и еден во Битола. Месечниот надоместок за згрижување дете изнесува околу 20.000 денари, додека за згрижување на лице со попреченост околу 25.000 денари.
Во Струмица, оваа канцеларија ќе го анимира згрижувањето и ќе дава помош на згрижувачките семејства.
„Во Струмичкиот Регион евидентирани се 25 згрижувачки семејства, од кои 14 згрижиле деца по роднинска линија. Во градот има 12 згрижувачки семејства. Ова е релативно добра бројка за ваква мала заедица, но ќе мора да се работи оти во државата расте потребата од згрижувачки семејства. За илустрација, лани имало потреба од 105 барања, а сме одговориле на 40 деца“, кажа Гапо.
Канцеларијата е отворена во зграда од струмичката касарна. Таму семејствата може да добиваат поддршка и помош во процесот на згрижување или процесот на адаптација на децата во новите средини. СОС Детско Село своја канцеларија во јануари ќе отвори и во Кавадарци.
В. ТРАЈКОВ