ПРЕД 43 ГОДИНИ ТЕТОВЦИТЕ ПИПА И ГАНДА СЕ ИСКАЧИЈА НА МОН БЛАН, НАЈВИСОКИОТ ВРВ ВО ЕВРОПА

    ПРЕД 43 ГОДИНИ ТЕТОВЦИТЕ ПИПА И ГАНДА СЕ ИСКАЧИЈА НА МОН БЛАН, НАЈВИСОКИОТ ВРВ ВО ЕВРОПАБошко Јовановски-Пипа и Младен Апостоловски-Ганда од планинарскиот клуб Љуботен, на 29 јули 1980 се искачија на Мон Блан (4.804 метри), највисокиот врв во Европа. (Фото: СДК.МК)

    Пред 43 години, двајца тетовски планинари, Бошко Јовановски-Пипа и Младен Апостоловски-Ганда од планинарскиот клуб „Љуботен“, се искачија на Мон Блан (4.804 метри), највисокиот врв во Европа. Тие беа првите тетовци и едни од ретките планинари од Македонија кои во тоа време успеале да се искачат на врвот на Европа. Иако од тогаш поминале повеќе од 4 децении, Младен Апостоловски сè уште се сеќава на тие незаборавни моменти.

    „Како планинарски клуб Љуботен бевме збратимени со планинарскиот клуб Победа од Белград. Еднаш ги поканивме да дојдат на искачување на Титов Врв, а тие нè поканија да им се придружиме во намерата да се искачат на Мон Блан, највисокиот врв во Европа. Ниту сега, а посебно во тоа време, не е мала работа да добиеш можност да се искачиш на Мон Блан. Знаевме дека тоа ќе биде напорна и ризична работа, беа потребни трошоци за опрема, за пат и престој кои моравме сами да ги обезбедиме, но исто така знаевме дека таква можност не смееме да ја пропуштиме, па заедно со Бошко Пипа со задоволство ја прифативме поканата“, вели Младен Апостоловски-Ганда, кој со Бошко Јовановски-Пипа, кој почина пред неколку година, се меѓу доајените на клубот Љуботен од Тетово.

    Поканата била прифатена, но реализацијата не била така едноставна. Морале најпрво да се снабдат со соодветна опрема, бидејќи Мон Блан и во лето е прекриен со снег и за негово искачување потребна е соодветна алпинистичка опрема.

    „Ние немавме таква опрема. Дел позајмивме, дел ни дадоа од ПК „Победа“, а дел моравме и да купиме, но желбата да се искачиме на Мон Блан беше толку голема што лесно ги совладавме овие првични проблеми со опремата. Со автобус отидовме за Белград, а од таму сите заедно се упативме во Италија. Во Италија прво се искачивме на врвовите Тофанa ди Розе (3.225 метри) и на Мармoлада (3.343 метри) кој е еден од најнепристапните врвови во италијанските Доломити. Всушност, ова ни беа еден вид висински подготовки за сè она што нè чека при искачувањето на Мон Блан. При искачувањето на врвот Мармолада се случи и една непријатност, една планинарка од нашата група се лизна и почна да паѓа во провалија. За среќа, таа беше добро обезбедена со јажиња и ние навреме интервениравме и успеавме да ја задржиме да не заврши во амбисот стотина метри удолу. Таа беше само полесно повредена, но тоа ја спречи да се искачи на Мон Блан“, кажува Апостоловски.

    Откако успешно ги совладале овие два италијански врвови, на ред дошол предизвикот Мон Блан.

    „На Мон Блан се искачувавме од француската страна. До Шамони дојдовме со специјален воз кој нè однесе до висина од над 2.000 метри. Тука преноќивме во логор под врвот. Опремени со алпинистичка опрема, искачувањето го започнавме во 2 часот изутрината. Снегот и ладното време не беа пречка упорно да се движиме кон врвот. Оние постарите и поискусни планинари, кои веќе еднаш биле на Мон Блан, ни ги кажаа опасните места каде требаше посебно да внимаваме при качувањето. Едно такво место беше наречено Премин на смртта, мошне опасно и тесно место каде се искачувавме еден по еден меѓусебе поврзани со јажиња. На тоа место честопати од горе паѓаат камења и грутки мраз кој се топи и кога минуваш треба многу да пазиш да не ти падне на глава некој камен или громада снег и мраз. Ни кажаа дека на ова место загинале неколку планинари. За среќа, ние поминавме без никакви поголеми проблеми. Исто така, опасен беше и преминот наречен Монблански нож, каде исто така се бараше голема внимателност при движењето. Постарите планинари во шега ни велеа дека ако на овој премин случајно паднеш можеш да бираш каде ќе завршиш, дали во Италија или во Франција. Искачувањето траеше околу 4 часа и на врвот бевме во 6 часот изутрината на 29 јули 1980 година. Секако, сите што се искачивме направивме заеднички фотографии како доказ за постигнатиот успех. Не се задржавме многу на врвот, бидејќи имаше уште голем број планинарски екипи кои чекаа да се искачат до самиот врв, но и тоа малку време поминато на врвот на Европа за нас беше неописливо доживување“, кажува Апостоловски прелистувајќи го албумот со фотографии од искачувањето на Мон Блан.

    За успехот на оваа експедиција на планинарскиот клуб Победа и за двајцата македонски планинари пишувале повеќе југословенски и македонски дневни и локални весници. Покрај тоа што е освоен највисокиот врв во Европа, овие планинари собориле и еден тогашен европски рекорд.

    „На таа наша експедиција на Мон Блан се искачивме 17 планинари. Подоцна ни кажаа дека ние всушност сме го собориле тогашниот европскиот рекорд за најмасовно освојување на Мон Блан. Бевме бескрајно среќни што меѓу тие 17 планинари кои се искачија на врвот бевме и ние двајцата, Бошко Јованоски-Пипа и јас“, со гордост се сеќава Апостоловски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира