Централното основно училиште „Крсте Петков Мисирков“ од Бистрица бара од Општина Битола под итно да го санира ѕидот од школото што беше оштетен при рушењето на стариот објект, каде ќе се гради училишна спортска сала и да се замени дел од покривот од азбест зашто Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе забрани користење на една од училниците. Тие бараат да се променат покривите и таваните во подрачните училишта кои се во очајна состојба и претставуваат опасност за безбедноста на учениците.
Училиштето за проблемот со ѕидот и покривот во Бистрица ја известило Општината уште на 19 мај, а на 28 мај општинските власти одговориле дека санацијата и промената ќе ја завршат до почетокот на новата учебна година, која почнува за нецела недела.
Но, на 18 август, на Комисијата за јавни дејности, одговарајќи на прашања на советникот од СДСМ Борче Корлевски за тоа до каде е реконструкцијата, директорката на училиштето Татјана Апостоловска-Ѓоргиевска рече дека не е ни започната. Состојбата со школото беше тема и на денешната седница на општинскиот Совет.
„Ова е видеоматеријал од најавата за изградба на нова сала во Бистрица. Се гледаат советниците и градоначалникот како се подготвуваа во едно зимно време за инвестиција, започнаа со багери, со рушење. Е, тогаш велеа зимно време е, студено е, не можеме да продолжиме со тие работи, а сега во летно време пак не е изградена. Овде не можат дечињата надвор да се играат, а не час по физичко да се одржи“, рече Корлевски.
Претседателката на Советот, Габриела Илиевска од Поинаку, објави видеоматеријал од веце шолја низ која тече нечиста вода во истото школо.
„Тече црна вода. Не знам ни дали е вода, ова е во 21. век во училиште кое има пратено преку 10 дописи до Општина Битола. Истото училиште кое на 28 мај доби известување од Општината дека ќе постапат по нивно барање, но бев таму пред една недела и ништо не беше гибнато. Овој Совет едногласно донесе одлука со која обезбедивме средства за изработка на проект за санација на таванот“, рече Илиевска.
Бојан Бојкоски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и заменик-градоначалник, рече дека салата ќе се изгради и дека прават големи вложувања во инфраструктурата во училиштата.
„Пред еден месец беше изгласан ребалансот на буџетот кој не го поддржа СДСМ, но сега во еден месец бараат да бидат изградени сите 21 игралиште во училиштата. Во еден месец не може да се направи тоа. Проектите кои беа работени изминатите години, финансирани од Општината со поддршка на Владата, ќе бидат завршени. Спортската сала во Бистрица по долги години ќе биде направена. Проектот е направен и финансиран“, рече Бојкоски.
На ова реплицираше Анастација Трајковска од ДОМ, велејќи дека во најголем број наврати гласала и давала поддршка за повеќе проекти, но дека реконструкцијата во Бистрица нема никаква врска со ребалансот на буџетот, дека за неа се зборува де години, а не е почната со реализција.
Прашања зошто не се отпочнати градежните зафати на терен, а учебната година е на прагот, испративме и до Општина Битола. Најавија дека ќе одговорат до утре.
Ж. ЗДРАВКОВСКА