ПРЕД СЕЗОНА НЕ Е ВРЕМЕ ДА СЕ РУШАТ ПЛАЖИТЕ, СМЕТААТ ЗДРУЖЕНИЕТО ОХРИДСКИ ЕСНАФ И НЕЗАВИСНАТА УГОСТИТЕЛСКА КОМОРА

    ПРЕД СЕЗОНА НЕ Е ВРЕМЕ ДА СЕ РУШАТ ПЛАЖИТЕ, СМЕТААТ ЗДРУЖЕНИЕТО ОХРИДСКИ ЕСНАФ И НЕЗАВИСНАТА УГОСТИТЕЛСКА КОМОРАОд уривање плажи во Охрид минатиот месец. (Фото: СДК.МК)

    Рушењето на охридските плажи не треба да се прави пред почеток на главната туристичка сезона, сметаат од охридскиот угостителски еснаф и Независната угостителска комора (НУК).

    Според НУК, какво било рушење во моментов без соодветна стратегија, дали и како ќе се користи местото, плажата или локацијата во склоп на туризам и угостителство е избрзано и краткорочно решение кое ќе направи ненадоместливи штети не само за туризмот туку и за угостителите и луѓето кои живеат во тие средини.

    „Не ни се допаѓа тоа што секогаш пред сезона се случуваат сите овие работи и после сезоната наредните 9 месеци, до следното лето, се забораваат. Меѓутоа пред било што да се руши сметам дека прво треба да се изготви стратегија за тоа што всушност ќе се прави и што ќе треба да се постигне со тој простор. Најлесно е да се сруши, тешко е повторно да се изгради и да се врати во функционалност тоа што веќе било направено“, смета претседателот на НУК Здравко Јосифовски.

    Претседателот на здружението „Охридски еснаф“, Михаил Мишев вели дека е погрешен тајмингот за вакви акции и токму затоа побарале итна седница на советот и одлагање на рушењето до крајот на туристичката сезона.

    „Вакви акции не треба сега да се реализираат, погрешен е тајмингот. На нашето барање единствено ни одговори Советот, дека немаат ингеренции да решаваат по тоа, ние бевме малку затекнати. Можеше баерм да се организира средба на која ќе се продискутира околу овие актуелни прашања. Најголем фокус на нашето барање беше дека вакви акции не требаше баш сега да се одржуваат, без разлика, ние не сакавме да задираме во законитоста на работењето на објектите и нивната градба туку сметаме дека е погрешен тајмингот кога се случуваат таквите дејствија“, вели Мишев.

    На охридското крајбрежје изминатиов период се расчистија плажите на потегот од село Пештани до хотел „Метропол“, од нелегалните градби, платформи, постаменти од бехатон плочки и ѕидови од најразлични градежни материјали, а во тек се и активности на плажата кај месноста Елешец.

    Градоначалникот Константин Георгиески најави дека акцијата за отстранување на платформите и објектите на плажите продолжува во градската зона, од каналот Студенчишта кон Горица 1 и плажите во делот на населбата Канео, кои се опфатени во Генералниот урбанистички план.

    Тој им порача на сопствениците на угостителските објекти, за кои е издадено решение за отстранување, да ги затворат објектите а од утрово охридските плажи Куба Либре, Кадмо, Бела Виста, Канео и Потпеш се без напојување со електрична енергија.

    Општината направила и финансиска анализа која покажала фрапантни цифри на остварен приход во период кога поранешните концесионери немале активни договори за концесија.

    „Фирма концесионер на плажа за период од четири години кога немала активен договор за концесија остварила приход од 190 милиони денари. Друга фирма која стопанисувала со плажа исто така без договор за концесија, за истиот период остварила приход од 59 милиони денари, а трета фирма за стопанисување на плажа без договор остварила 14 милиони денари, а прикажала расход само за двајца пријавени работници на месечно ниво“, обелодени неодамна градоначалникот Георгиевски.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира