Пред Основниот суд во Велес незаконски се наплаќа паркирање. Лица кои стојат на улицата пред судот им бараат и земаат пари на граѓаните за да ја остават колата, а Општина Велес нема воведено никаква наплата. Полицијата знае за овој проблем, но вели ништо не може да направи.
„Имаше писмени пријави од граѓани за овој случај. Наши неуниформирани инспектори излегоа на терен и констатираа дека има две лица кои не наплатуваат пари, но ако им дадеш, земаат. Не покажуваат насилие, помагаат при паркирањето со совети. Сликата не е добра, но нема елементи за да покренеме постапка“, кажа командариот на Полициската станица Велес, Александар Костов, одговарајќи на советничко прашање.
Советниците го прашаа Костов и што презема полицијата за големиот број деца питачи низ центарот на Велес. Командирот рече дека секогаш кога организираат акција за спречување и санкционирање на питачењето, не ги наоѓаат лицата, поточно децата кои питачат, иако тие се секојдневна појава во градот.
„Питачењото на сите ни пречи. Има посебен план направен,на државно ниво, каде инспекторите за малолетничка деликвенција заедно со службите од Центарот за социјална работа излегуваат на терен еднаш неделно. Досега не е најден ниеден случај на питачање. Секоја недела се спроведува таква акциска контрола и досега не е констатирано питачење“, кажа Костов.
П. ПЕЧКОВ