Сообраќајот на регионалниот пат Градско-Прилеп утринава беше во целосен прекин поради поплава, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Дождот предизвика излевање на Раечка река на местото каде што се градат нови два тунела и го направи патот непрооден. Оваа локација се поплавува секојпат кога има малку посилен дожд.
АМСМ претходно соопшти дека на клучката кај „Мотел Дреново“, на коловозот има големо количество вода, а кај Плетвар пред тунелите имало свлечиште и одрон од карпи.
Од ЦУК рекоа дека се преземаат мерки за расчистување и на терен се тим од Полициската станица Градско и екипа со механизација која што работи на испумпување на водата и расчистување на патот.
Сообраќајот на патниот правец Градско-Прилеп беше нормализиран околу 14 часот.