Здружението за општествен развој „За Тетово“ изготви дигитална платформа насловена „Паметно наследство Тетово“ (Smart Heritage Tetovo), со која се претставени значајни објекти од културното и историското наследство на Тетово. Дигиталната платформа содржи панорамски фотографии од 360 степени од објектите, како и текстуален дел, во кој се наведени најзначајните податоци за објектот на албански, македонски, турски и англиски јазик.
„‘Паметно наследство Тетово‘ е дигитална платформа што на една интерактивна мапа обединува 11 од најважните историски, културни и религиозни споменици на Тетово, од Калето и Шарената џамија до Арабати Баба Теќе, османлискиот амам и традиционалните градски куќи. Секој споменик е проследен со детален опис на четири јазици, како и со панорамски фотографии од 360 степени, кои му овозможуваат на посетителот да го истражи внатрешниот простор на секој објект без физичко присуство. Целта на проектот е дигитално зачувување и промоција на културното наследство на Тетово, правејќи го достапно за жителите, истражувачите и посетителите од целиот свет“, вели Елмедина Абдулахи од Здружението „За Тетово“.
Со дигиталната платформа се опфатени 11 значајни културно-историски објекти и археолошки наоди. Од нив, осум се од османлискиот период, два археолошки наоди откриени во Тетово и еден е христијански објект.
Во рамките на презентацијата на проектот беше одржана и панел-дискусија посветена на заштитата на културното наследство, дигиталната промоција и соработката помеѓу институциите, стручните лица и заедницата, на која зборуваа Беџхудин Шехапи – археолог и историчар на уметност, Нарона Љума Весели – археолог, Афет Јашари – претставник на Министерството за култура и туризам и Миќо Стојчевски – директор на Музејот на Тетово.
З. АНДОНОВ



