Насоката Традиционален играч-пејач не се укинува, туку уписи ќе има преку една година, соопшти Марија Шамоска-Буџаковски, директорка на Државното музичко училиште во Битола. Насоката беше отворена минатата година, а ја нема во годинешниот конкурс за уписи во средните училишта во земјава.
Деновиве родители на децата кои учат таму и на оние кои планираа да се запишат, упатија јавно писмо до министерката за образование и наука Весна Јаневска насоката да не се укине. Тие велат дека учениците веќе имаат успешни настапи, има интерес за упис на нови, преку неа ќе се образоваат идните кореографи и корепетитори во ансамблите и дека ова е еден од начините за заштита на културниот музички иденитет.
Шамоска-Буџаковски денес изјави дека профилот не се затвора, ниту пак се укинува, туку неговото реализирање се одвива преку една година согласно утврдена динамика.
„Овој пристап овозможува подобра организација на наставата и одржување на висок квалитет на образовниот процес, што е особено важно во музичкото образование, каде е вклучена и индивидуална настава, па квалитетните услови играат клучна улога. Станува збор за воспоставена практика која има за цел да обезбеди најдобри услови за учениците“, рече директоката.
Таа посочи дека отворањето на насоката беше со одлука на актуелната министерка, а со поддршка на Министерството за образование и наука (МОН) биле санирани објектите на училиштето, подобрени условите за работа и набавени нови музички инструменти и модерни средства за настава.
Во првата генерација на насоката има 8 ученици од Битола, Струга, Кичево, Демир Капија, Прилеп, Демир Хисар, а годинава се прогнозираше дека ќе има 12 новозапишани. Ваква насока останува да работи при Државниот музичко балетски училишен вентар „Илија Николовски-Луј“ во Скопје.
„Не дозволувајте дома да згасне изучувањето на македонскиот фолклор во време кога истиот во светот се повеќе станува предмет на изучување и истражување од еминентни институти. Интерес за упис има и меѓу учениците кои претходно се запишале во насоката Изведувачи да се префрлат како и меѓу членовите на културно уметничките друштва кои неуморно регрутираат нови членови кои претставувањето на македонскиот фолклор би го издигнале на академско ниво. Наставниот кадар кој ги предава стручните предмети работи хонорарно. Токму нивниот ентузијазам, посветеност, љубов,и тоа како го задолжуваат МОН да ги подржи во нивната определба и да биде нивна најголема подршка“, пишува во писмото.
Во конкурсот за упис во средните училиште го немаше ни Земјоделското училиште „Кузман Шапкарев“ од Битола, туку беше предвидено земјоделската струка да се префрли во друго средно школо „Таки Даскало“ поради малиот број на ученици. По реакциите на битолчани дека во срцето на Пелагонија се укинува земјоделско училиште, со традиција од 114 години, настана измена на конкурсот, па училиштето ќе продолжи со работа.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



