ПРЕСУДА ЗА ПРЕГАЗУВАЊЕТО НА АЛМИР ВО ЧЕТВРТОК, ОБВИНЕТИОТ НЕ СЕ ЧУВСТВУВА ВИНОВЕН

    ПРЕСУДА ЗА ПРЕГАЗУВАЊЕТО НА АЛМИР ВО ЧЕТВРТОК, ОБВИНЕТИОТ НЕ СЕ ЧУВСТВУВА ВИНОВЕНАдвокатот на обвинетиот Бобан Илиќ, Стеван Павлески, побара ослободителна пресуда, бидејќи смета дека има цврсти и несоборливи докази дека Бобан имал право на нужна одбрана. - Од претходно рочиште за прегазување на четиригодишниот Алмир (Фото: СДК.МК)

    Во четврток ќе бидат изречени пресудите на обвинетите во случајот за прегазувањето на четиригодишниот Алмир Алиу од Куманово, откако денеска во Кумановскиот суд беа дадени завршните зборови. Првообвинетиот Бобан Илиќ, на кој со преквалификација на делото од убиство со умисла му се суди за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, во завршните зборови се изјасни дека не се чувствува виновен за делото за кое се товари и дека многу му е жал што се случил немилиот настан, особено за загубата на детето.

    Неговиот адвокат Стеван Павлески, побара ослободителна пресуда, бидејќи смета дека има цврсти и несоборливи докази дека Бобан имал право на нужна одбрана во крајна нужда, а не како што претходно сакало да се покаже дека делото го сторил со умисла или од небрежност.

    „Тоа е поврзано со правото на Бобан Илиќ да се брани секогаш кога ќе биде нападнат. Државата е должна да ги заштитува луѓето, но тоа е и природно право на човекот“, изјави Павлески.

    „Неговите постапки го ослободуваат од кривично гонење, бидејќи немилиот настан се случил во нужна одбрана, бегал од нападот, во афект и страв бил доведен во безизлезна состојба и опасност предизвикани и создадени од таткото на Алмир и другите обвинети“, додаде Павлевски во завршните зборови.

    Наспроти ова, адвокатот на тројцата обвинети за насилство, тврдеше дека тие се жртви на насилното однесување на Бобан и неговиот брат. Таткото на детето Седат Алиу, Сами Демири и Абдула Алиу, се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и побараа ослободителни пресуди, како и нивниот бранител.

    Адвокатот на Алмир Алиспаиќ го обвини Основното јавно обвинителство во Куманово за пропусти во водењето на постапката и за преквалификација на делото. Притоа обелодени дека психијатриските вештачења на Бобан Илиќ и сообраќајно-техничкото вештачење ги изработиле вештаци на кои им истекле лиценците за работа. Затоа побара повторно да се води главната расправа.

    „Ова е уште еден скандал што излезе во овој случај, а тоа е неважечките лиценци на ангажираните вештаци од страна на ОЈО Куманово. На вештите лица кои го изработувале вештачењата во моментот на изработка, лиценцата што им била издадена од Министерството за правда им била истечена и вештите наоди и мислења немаат доказна вредност“, изјави Алиспаиќ.

    Тој најави жалба до Апелациониот суд и се надева дека предметот ќе се врати на повторно одлучување.

    Бобан Илиќ по 22 месеци поминати во притвор минатото рочиште беше пуштен и денеска на судењето дојде од слобода.

    Прегазувањето на момчето се случи на 25 јуни 2016 година, по банална расправија на семејствата Илиќ и Алиу пред Здравствениот дом во Куманово.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира