ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА АМЕРИКАНСКИОТ ЦРВЕН КРСТ КЛАРА БАРТОН АКТИВНО СЕ ВКЛУЧИЛА ВО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ХУМАНИТАРНА ПОМОШ ЗА НАСТРАДАНОТО МАКЕДОНСКО НАСЕЛЕНИЕ ПО ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ

    ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА АМЕРИКАНСКИОТ ЦРВЕН КРСТ КЛАРА БАРТОН АКТИВНО СЕ ВКЛУЧИЛА ВО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ХУМАНИТАРНА ПОМОШ ЗА НАСТРАДАНОТО МАКЕДОНСКО НАСЕЛЕНИЕ ПО ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕВо времето на Илинденското востание таа веќе имала 82 години, но тоа не ја спречувало сесрдно да се бори за да обезбеди помош за населението во Македонија. (Фото: Клара Бартон, Википедија)

    Во Конгресната библиотека во Вашингтон, САД се чуваат многу документи поврзани со историјата на Македонија. Меѓу нив има и документи за Илинденското востание, како и за страдањето на македонскиот народ од страна на османлиската власт по задушувањето на востанието. Меѓу тие документи се и писмата на Клара Бартон од 1903-1904 година во кои ја споменува Македонија во контекст на хуманитарни активности на Американскиот Црвен крст, поврзани со Илинденското востание и страдањата на македонското населението. 

    Клара Бартон (1821–1912) била хуманитарка, медицинска сестра и со многу напредни сфаќања за своето време. Нејзината активност на хуманитарен план започнала уште со Американската граѓанска војна кога бестрашно им помагала на ранетите војници на првите борбени линии. Таа била претседателка на Американскиот Црвен крст, голема хуманитарка и важи за една од највлијателните жени во американската историја. 

    По задушувањето на Илинденското востание во 1903 година, во САД доаѓаат се повеќе детали за големото страдање на македонскиот народ и за теророт што го вршела османлиската врз населението. Тоа било сигнал за Американскиот Црвен крст и за Клара Бартон, која била претседател на организацијата, да започнат голема активност за обезбедување хуманитарна помош за настраданото население. 

    Таа почнала да праќа извештаи за состојбата на бегалците, потребата од помош и ангажман на Американскиот Црвен крст за обезбедување на истата. Во обемната официјална документација на кореспонденцијата со Американскиот црвен крст и медиумските извештаи од крајот на 1903 година, се гледа дека таа била активно вклучена во обезбедувањето хуманитарна помош за настраданите во Македонија по Илинденското востание. Во оваа кореспонденција и извештаи Клара Бартон настраданото население го именува како Македонци со што јасно признавајќи ги Македонците како посебен народ со свои карактеристики.

    Иако веќе во поодминати години, во времето на Илинденското востание имала 82 години, тоа не ја спречувало сесрдно да се бори за да обезбеди помош за населението во Македонија. Засега не постојат записи дека физички ја посетила Македонија, туку нејзината активност се состоела во документирање на состојбата, упатување апели преку медиуми и меѓународни канали за меѓународна помош и истата ја доставувале во Македонија.

    „Извештаите од Македонија зборуваат за запалени села, семејства протерани од своите домови и илјадници бегалци кои преминуваат во Бугарија. Црвениот крст е повикан да обезбеди храна, облека и засолниште за настраданото население, особено за жените и децата“. 

    „Македонија е во неволја и меѓународната помош е неопходна за да се спречат глад и болести кај раселеното население“.

    „Апели се упатуваат до американската јавност да испрати донации за помош на македонските бегалци“, се вели во апелите кои Клара Бартон ги упатувала до американската јавност и до другите држави и хуманитарни агенции.

    Во архивата „Clara Barton Papers: Red Cross File, Relief operations; Macedonia, 1903–1904“ се гледа дека таа испраќала официјални соопштенија и апели за донации и преку новинарски канали, меѓу кои и до агенцијата „Associated Press“, за тие да стигнат до пошироката американска јавност. Целта била да се мобилизираат средства и материјали за помош на македонските бегалци по Илинденското востание.

    „Американскиот Црвен крст преку Associated Press упатува апел до народот на Соединетите Држави да испрати помош за олеснување на страдањата на македонските бегалци. Села се запалени, семејства протерани од своите домови, а илјадници имаат потреба од храна, облека и засолниште. Итно се бараат донации во пари и материјали“, се велело во апелот. 

    Таа посебно се залагала Американскиот Црвен крст да се вклучи во обезбедување хуманитарна помош за македонското население што се гледа и од ова писмо.

    „Бостон, Масачусетс, 30 октомври 1903

    40 State Street, соба 44

    Почитувана госпоѓице Бартон,

    За момент ја прекинувам мојата работа во областа на првата помош за да се осврнам на состојбите во Македонија. Утрово се сретнав со г. Ричард Олни, кој ме информираше дека Американскиот одбор на комесари за странски мисии (American Board of Commissioners of Foreign Missions) подготвува јавен апел за собирање средства за организирање помош во Македонија.

    Тој ме посоветува, со оглед на особеното значење што ова прашање може да го има за Црвениот крст токму во овој момент, да стапам во контакт со г. С. Б. Кејпен, претседател на организацијата што го подготвува овој апел, и точно да дознам на кој начин тие планираат да управуваат со овој фонд“.  

    Овој документ е многу важен затоа што директно покажува дека уште во октомври 1903 во круговите на Американскиот Црвен крст и американските мисионерски организации активно се разговарало за активноста наречена „Relief in Macedonia“ (помош за Македонија) — што е силен доказ за организирана американска хуманитарна акција веднаш по задушувањето на Илинденското востание. Помошта што била собрана се состоела од ќебиња, облека, лекови, брашно, жито и медицински прибор, а била донирана од американски цркви, хуманитарни друштва и македонски/балкански иселенички кругови. Помошта била доставувана преку протестантски мисии во Битола, преку конзуларни канали и преку европските мрежи на Црвениот крст.

    Хуманитарна активност на Клара Бартон речиси е непозната за македонската јавност и историографија. Неодамна амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија објави линк (https://www.loc.gov/item/mss119730592/) на кој јавноста може подетално да се запознае со активностите кои Клара Бартон ги имала во Македонија по Илинденското востание. 

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира