Досегашниот претседател на Советот на Општина Аеродром, Дејан Митески од ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде заменик-градоначалник на Општината откако Тимчо Муцунски стана министер за надворешни работи. Денеска официјално беше извршено примопредавање на функцијата, по што Митески најави континуитет во работењето и реализација на проектите почнати од неговиот претходник.
Заменик-градоначалник треба да добијат и Општините Гостивар и Сарај, откако Арбен Таравари стана министер за здравство, а Блерим Беџети е пратеник во Собранието.
Заменик-градоначалникот има мандат од 6 месеци, а потоа мора да се распишат нови избори за градоначалник на кој мандатот ќе му трае до редовните локални избори во октомври 2025.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе поднесат измени на Законот за локална самоуправа, со кои ќе се овозможи со Општините Аеродром, Гостивар и Сарај, чии градоначалници беа избрани на нови функции, да раководат в. д. градоначалници до редовниот термин за локалните избори во октомври 2025. За да се изгласаат овие измени потребно е двотретинско мнозинство.
А. АНТЕВСКА