ПРЕТСТАВЕН ПРОЕКТОТ ЗА РЕСТАВРАЦИЈА НА ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ ВО БИТОЛА

    ПРЕТСТАВЕН ПРОЕКТОТ ЗА РЕСТАВРАЦИЈА НА ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ ВО БИТОЛАПроектната документација ја изработи проектантската куќа „Глобал“ кои велат дека комплетно ќе биде задржана автентичноста на надворешноста на објектот (Фото: СДК.МК)

    Во Општина Битола беше презентиран проектот за реставрација и адаптација на Офицерскиот дом, објект под заштита како споменик на културата кој датира од почетокот на 20 век, а веќе со години е руиниран. Координаторката на проектот Зора Симјановска изјави дека јавната расправа што се одржа вчера е последна фаза пред потпишување на договорот и дека објектот ќе се реставрира со пари од ЕУ фондовите. Таа не прецизираше колку пари се добиени, и рече дека неблагодарно е тоа да се кажува додека не се потпише договорот.

    Проектната документација ја изработи проектантската куќа „Глобал“ од каде рекоа дека комплетно ќе биде задржана автентичноста на надворешноста на објектот.

    „Се потрудивме со проектната документација да се задржи убавината на Офицерскиот дом, да го врати стариот сјај и нашата интенција беше да биде што поблиску до автентичните изрази на целиот објект. Надворешниот изглед мора апсолутно да остане ист, со тоа што со примена на некои посовремени материјали ќе се обидеме објектот да биде на некој начин потраен. Тоа подразбира комплетна санација на фасадата, промена на дограма, прозорците кои се страшно руинирани повторно ќе бидат од природно дрво, но ќе се прилагодат на некои нови тенденции, односно ќе бидат енергестки ефикасни, а ќе се среди и кровната конструкција“, рече Витомор Савиќ, конзерватор-проектант.

    И внатрешноста ќе треба да го врати оригиналниот изглед, а за да набават плочки и паркет како првичните пронајдени се производители во странство.

    „Во внатрешноста порано имаше прекрасен ентериер, а сега постојат некои остатоци од подните површини. Имаше неверојатно убав паркет кој ретко се јавува на нашиве простори и плочки кои во тоа врме беа најатрактивни. Се потрудивме да најдеме производители низ светот кои можат да ги изработат, затоа што тоа е занаетчиска работа која денеска многу ретко може да се најде, посебно не кај нас, за жал“, рече Савиќ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира