Центарот за култура „Ацо Шопов“, во чии рамки работи и Народниот театар од Штип, отвори изложба на театарски костими, плакати, цртежи и издаде летопис за јубилејот 100 години од театарската дејност во Штип.
„Центарот за култура располага со 400 театарски костими од кои дваесетина како илустрација веќе се во изложбена поставка во Домот на културата во Штип. Во депоата на Центарот и на Народниот театар во Штип има стотина театарски плакати, но го нема плакатот за првата театарска претстава ‘Женидба’ од Гогољ која била изведена во Штип точно пред 100 години, во 1923 година. Поголем дел од зачуваните костими се од театарски претстави од 50 и 80 години на минатиот век“ вели директорот на Центарот, Горан Трајков.
Од изложените плакати најстар е плакатот за театарска претстава во Штип во време на тогашното Кралство на Југославија испечатена во 1925 година кога во Штип била изведена и првата опера во Македонија „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало.
Фоајето на Домот на културата во Штип е збогатено и со изложба на цртежи од млади ликовни творци од Штип кои цртаа за театарската дејност, но и за поетот Ацо Шопов во чест на 100 години од неговото раѓање.
Еден век организирана театарска дејност во Штип, Центарот за култура го заокружи со издавање на Летопис во кој на 105 страници со слика и збор е сублимирана театарската дејност од неговите почетоци пред 100 години , потоа периодот на Обласниот театар од 1949 година кој својата професионална активност ја продолжи како Народен театар Штип па се до 2004 година кога со спојување на Народниот театар и Домот на културата се формира Националната установа-Центар за култура „Ацо Шопов“ Штип.
Во книгата се набележани имиња на плејада од илјада актери и технички театарски персонал кои се дел на театарската дејност во Штип во изминатите сто години. Најновата генерација во текот на оваа година во чест на големиот јубилеј премиерно ги изведе претставите „Демонот од Дебар маало“ од Горан Стефановски, потоа „Ле Кретен“ од Вебер и годината ја завршија со „Женидба“ од Гогољ симболично на првата претстава изведена пред еден век.
Т. ЈОВАНОВСКИ