ПРЕТСТАВНИЦИ НА ГЕРМАНСКАТА АМБАСАДА ЗАЕДНО СО ОБВИНИТЕЛИ ОД ТЕТОВО ДЕНЕСКА БЕА ВО ОПОЖАРЕНИОТ ОБЈЕКТ НА МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА ВО ТЕТОВО

    ПРЕТСТАВНИЦИ НА ГЕРМАНСКАТА АМБАСАДА ЗАЕДНО СО ОБВИНИТЕЛИ ОД ТЕТОВО ДЕНЕСКА БЕА ВО ОПОЖАРЕНИОТ ОБЈЕКТ НА МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА ВО ТЕТОВООд Тетовското обвинителство не дадоа подетални информации за посетата и дали има некакви резултати од досегашната истрага. (Фото: СДК.МК)

    Претставници на Тетовското обвинителство и од Германскатa амбасада денес во Клиничката болница во Тетово заедно беа на местото каде изгоре модуларната ковид болница при што загинаа 14 луѓе. Од Тетовското обвинителство не дадоа подетални информации за посетата и дали има некакви резултати од досегашната истрага, туку само најавија дека во следна прилика ќе има податоци од службата за односни со јавноста при Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

    И од тетовската болница немаа нови информации за настанот. Лекарите и медицинските техничари кои биле ноќта во модуларната болница веќе дали искази во Јавното обвинителство.

    „За тие информации немам податоци, тоа ги прочитав и јас сега дека наводно стигнале. Не знам како иде процедура за тоа ќе ве обавести управата. Јавниот обвинител побара информации од сите тие вработени кои биле таму во моментот на трагедијата. Тие биле повикани таа ноќ, биле неколку часа биле и утредента, и дале таму изјави“, изјави д-р Гзим Нуредини, координатор во тетовскиот Ковид центар.

    По оставките на двајцата директори Флорин Бесими и Артан Етеми сè уште нема информации за нови раководители.

    „Немам такви информации, ќе видиме од управа како е законски и како ќе се реши. Во овие денови ќе видиме како ќе функционира. Болницата не може да остане без потписници бидејќи има технички работи, лекарства, плати итн за два три дена ќе ве обавестиме. Немам правни информации не знам како тоа е решено“, рече Нуредини.

    Исто така, д-р Нуредини не знае како како снимка од надзорната камера се најде на социјалните мрежи. Што се однесува до 12-те пациенти кои го преживеаа пожарот, рече дека тие биле прегледани од психијатри.

    „Тие се пациенти кои биле трауматизирани од психолошка природа и биле прегледани од психијатар и биле констатирано дека се работи за стрес ситуација која тие ја преживеаа. И сите се во релативно добра состојба и сите се на кислородна поддршка. Очекуваме идните денови да подобрување на нивната состојба и да бидат пуштени дома“, рече д-р Нуредини.

    За изминативе 24 часа во Ковид центарот во Тетово нема починати, додека има нови пет нови лица кои се примени на болничко лекување како и 75 амбулантски прегледи.

    З. АНДОНОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира