ПРИФАТИЛИШТЕ ЗА БЕЗДОМНИТЕ КУЧИЊА БАРААТ ОХРИЃАНИ ОТИ НЕКОИ ГИ ЖАЛАТ, А НЕКОИ СЕ ПЛАШАТ ОД ГЛУТНИЦИТЕ ПО УЛИЦИТЕ

    ПРИФАТИЛИШТЕ ЗА БЕЗДОМНИТЕ КУЧИЊА БАРААТ ОХРИЃАНИ ОТИ НЕКОИ ГИ ЖАЛАТ, А НЕКОИ СЕ ПЛАШАТ ОД ГЛУТНИЦИТЕ ПО УЛИЦИТЕОхриѓани со петиција бараа од градоначалникот да се формира јавно претпријатие за хуман третман на бездомните животни. (Фото: СДК.МК)

    Расте бројот на улични кучиња низ охридските улици. Ги има и во центарот на градот и низ периферните населби. Граѓаните загрижени велат дека никој не води сметка за бездомните животни, па со онлајн петиција бараат од градоначалникот Кирил Пецаков отворање згрижувалиште.

    „Охрид, најголемиот туристички центар во Македонија, постојано се соочува со сè повеќе и повеќе бездомни животни, за кои нажалост се грижат само неколку поединци, и се оставени сами на себе едвај да преживуваат и да талкаат низ улиците на градот, оставајќи слика пред туристите на место кое не води никаква грижа за доброто на животните и своите граѓани, а тоа треба да биде примарна должност на Општината. Градоначалникот Кирил Пецаков ја има единствената можност да биде првиот градоначалник на Охрид кој конечно ќе го реши овој горлив проблем за доброто на бездомните животни, своите граѓани и туристите“, се вели во петицијата.

    Како приоритет се бара од градоначалникот да се формира јавно претпријатие за хуман третман на бездомните животни и воспоставување систем за контрола на популацијата со стерилизација и кастрација.

    Од ЈП „Комуналец“ Охрид велат дека во тек е тендерска постапка за избор на фирма за хуман третман на кучињата скитници, кој подразбира збир мерки и дејствија за бездомно куче, кои се и законски поткрепени со закон за благосостојба на животните, третмани против паразити, вакцинација, соодветно обележување, стерилизација и кастрација и носење во прифатилиште за да се стопира размножувањето и намалувањето на популацијата во нормални граници. Согласно планот за јавни набавки, за оваа намена предвиден е пола милион денари.

    „Изминатите години се предвидуваше прифатилиштето да биде на локалитетот Мауцхер, но поради административни правни пречки не е возможно добивање дозвола од Агенција за храна и ветеринарство за отворање такво прифатилиште и затоа се објави тендер за хуман третман на кучињата кој подразбира ветеринарни услуги и прифатилиште. Целта ни е да го решиме овој горлив проблем на охриѓани“, вели директорот Саше Најдески.

    Дел од охриѓани стравуваат од уличните кучиња, па преплашени и немоќни да се справат со опасноста велат дека не можат слободно да се движат низ градот.

    „Мора да се изнајде ефикасен начин за решавање на овој проблем. Сите сакаме животни, но ова ги надминува сите граници. Чопори кучиња низ градот ги плашат и охриѓани и гостите“, коментираат граѓаните.

    Целта ни е да го решиме овој горлив проблем на охриѓани“, вели директорот на „Комуналец“ Саше Најдески. (Фото: СДК.МК)

    „Постојано слушаме за нападнати и искасани, навистина е непријатно кога треба да се помине покрај глутница кучиња. Минатата година беше нападнато дете кое учи со мојата ќерка. Детето и ден денес го носат и земаат од училиште оти има страв да оди само“, вели една охриѓанка.

    Вчера, повозрасен маж со точак одејќи на работа беше нападнат од три бездомни кучиња кај градинка „Јасна Ристеска“ на 50 метри од општината зграда.

    „Едното од нив со забите ме фати за ногата. За среќа бев присебен, па му ја истргнав ногата од устата и запрев, па кучињата се разбегаа. Прва мисла која ми падна на ум беше доколку кучињата немаат проблем да нападнат возрасен маж потежок од 100 кила во центарот на Охрид, што останува за децата од градинката? Ако се пуштат по некое детенци и тоа се обиде да им избега трчајќи по една од најпрометните улици во Охрид? Се плашам да помислам што би можело да се случи“, објави тој на Фејсбук.

    Согласно Законот за облигациони односи секое физичко лице на кое му е причинета штета од угриз на куче- скитник, согласно законот има право на надомест на штета, а одговорна за причинетата штета е Општината.

    И во билтенот на МВР се почести се пријавите од лица каснати од куче во Охридско-Струшкиот Регион. Минатата година имало 25 напади од куче скитник во Охрид, од кои 6 на малолетни лица и 14 во Струга при што 2 од нив се малолетни лица. Годинава има пријавено две каснати малолетни лица во Охрид и едно повозрасно од Струга.

    Поголем број од нападнатите побарале помош во Итната медицинска служба, а дел завршиле на Инфективното и Хируршкото одделение во Општата болница во Охрид. Во струшката болница дури 52 лица биле примени на третман по угриз на куче скитник во 2021, а од почетокот на оваа година лекарска помош побарале 11 лица.

    Д-р Јане Атанасов-Митуш, ветеринар од Охрид, смета дека состојбата со кучиња во Охрид како туристички центар со години е загрижувачка, а бројот на кучиња по улиците постојано расте. Проблемот, според него, е ненавременото преземање мерки од институциите но и несовесноста на граѓани кои ги напуштаат милениците и ги оставаат беспомошно на улица.

    „Состојбата е не променета подолг период, бездомни кучиња се повеќе има и мислам дека тоа се должи на тоа што се носат и пуштаат кучиња од други места во државата. И институциите и граѓаните придонесуваат за ваквата слика која е одраз на општата состојба во државата, ниската свест, неедуцираноста на населението, неспроведување на законски прописи и слично“, вели д-р Митуш.

    Кучињата се територијални животни, вели тој, и додава дека во природа тие живеат во глутница со некаква хиерархија. Доколку не се загрози на некаков начин тој сегмент на нивното битисување, нема напади.

    „Секако постојат исклучоци на малтретирани или погрешно дресирани кучиња, па пуштени на улица можат да направат проблем. Прифатилиштето поткрепено со правилна програма на работа е долгорочна и успешна стратегија за решавање на овој проблем. Секако се однесува и на сместување, храна како и на социјализација на кучињата со можност на вдомување.Многу кучиња се вдомени тука, уште поголем број во странство, благодарение на љубители и хумани луѓе, активисти за заштита на животните кои секако не се поддржани од државата и институциите, со исклучок во Скопје“, додава д-р Митуш.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира