ПРИНОСИТЕ ЖИТО КАТАСТРОФАЛНИ ВО ПЕЛАГОНИЈА, А ОТКУПНАТА ЦЕНА РАСТЕ

    ПРИНОСИТЕ ЖИТО КАТАСТРОФАЛНИ ВО ПЕЛАГОНИЈА, А ОТКУПНАТА ЦЕНА РАСТЕДобар дел од житните полиња дадоа род по 2 тона од хектар, што е половина од лебното зрно кое се собра лани (Фото: СДК.МК)

    Приносите на житото во најголемата житница во земјава Пелагонија се катастрофални, се жалат земјоделците. Добар дел од житните полиња дадоа род по 2 тона од хектар, што е половина од лебното зрно кое се собра лани.

    „Ова е една од полошите години. Причина е пролетната суша која го намали растот на пченицата. Летово, не само што има помалку лебно зрно, туку нема ни добиточна храна. Одвај се собра по некоја бала слама. Една бала чини 80 денари, а лани беше 20 денари. Ланската годината беше рекордна во последните 20 години по род, а годинава рекордна по нискиот принос“, вели Тоде Лазаревски од Ивањевци, еден од покрупните земјоделци во Пелагонија.

    Малите приноси ја подигнаа откупната цена на житото. За разлика од лани кога килограм жито се откупуваше по 6 денари, сега цената достигна околу 11 денари.

    „Дивите откупувачи во кеш нудат по 9 денари за килограм, а потоа го препродаваат житото на други откупувачи за некој денар повеќе. Мелниците во Битола го откупуваа житото по 10 денари заедно со ДДВ, а последните информации се дека достигна 11,2 денари“, вели Лазаревски.

    Сѐ помалку се увезува жито од Србија зашто  и таму родот е послаб од претходните години, па го продаваат за домашни потреби. До лани се увезуваше во големи количини и се продаваше по ниска цена. Годинава, заедно транспортот чини 12,8 денари за килограм, што е поскапо отколку домашното.

    И од подрачното одделение за земјоделство во Битола потврдија дека приносите се намалени, но дека житото достигна добра цена во просек од 10,5 денари што е подобро отколку лани.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира