Oсновното јавно обвинителство Кавадарци отвори истрага за убиство, за случајот од 22 јануари годинава, кога кавадарчанка беше пронајдена почината во нејзиниот дом. Истрагата покажала дека таа била убиена, а осомничениот сторител е И. П., нејзиниот партнер.
На барање на обвинител од ОЈО Кавадарци, судија на претходна постапка од Основен суд Кавадарци му одредил на И. П. мерка притвор во траење од 30 дена.
„На 30.01.2025 во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода И. П. (42) од Кавадарци. Тој се сомничи дека на 22.01.2025 во нејзиниот дом со гушење ја убил неговата партнерка С. С. (52) од Кавадарци. Починатата беше пронајдена од нејзината ќерка Д. Т., која веднаш го пријавила настанот во полициска станица. По преземени мерки од полициски службеници од СВР Велес – ОВР Кавадарци и Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за општ и насилен криминал при МВР и по извршени вештачења и анализи во координација со ОЈО Кавадарци, обезбедени се докази и дојдено е до сознание дека И. П. го сторил делото“, соопшти Биљана Ѓаковска, портпаролка на СВР Велес.
П. ПЕЧКОВ