Над 400 сместувачки капацитети во Скопје со кои стопанисуваат физички лица не се воопшто регистрирани, не плаќаат туристичка такса на Градот, не издаваат фискални сметки. На територијата на Град Скопје 152 физички лица ги регистрирале своите сместувачки капацитети, но и тие делумно ги почитуваат законските обврски.
Ова го покажала анализата на Секторот за локален економски развој на Град Скопје за регистрирање на физички лица кои издаваат сместувачки капацитети и регистрирање на гостите кои престојуваат во нив. При анализата се евидентирале соби, апартмани и станови кои се издаваат и се огласени на интернет страните.
„Анализата покажа нелојална конкуренција во однос на сите кои легално ги регистрирале своите капацитети, не поседување книги за домашни и странски гости, гостите не се евидентираат во Министерството за внатрешни работи, не плаќаат туристичка такса, не се издаваат фискални сметки. Затоа одржавме состанок со претставници на скопските општини, Министерството за економија, Пазарниот инспекторат, Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот и Министерство за внатрешни работи. Целта е преземање активности за регистрирање и евиденција на физички лица кои нудат услуги за сместување, согласно со Законот за угостителска дејност, како и воведување ред во евиденцијата на гостите кои престојуваат во овие сместувачки капацитети“, вели Марко Тодоров, раководител на Секторот за локален економски развој на Град Скопје.
Според податоците на Град Скопје наплатата на туристичката такса од 40 денари на ден по легло, која треба да ја плаќаат правните и физичките лица кои имаат сместувачки капацитети и ако се земат предвид оние кои на работат на диво, е околу 5 отсто.
Во првите девет месеци оваа година од регистрираните 152 физичките лица кои имаат сместувачки капацитети биле наплатени 543.000 денари, туристичка такса. Од Градот велат дека реално според бројот на легла и бројот на туристи на овие капацитети би требало да се наплати околу 4 милиони денари туристичка такса за овој период од годината.
Во Скопје пак регистрирани се 83 хотели, мотели или хостели. Кај нив наплатата на туристичката такса е повисока за разлика од кај физичките лица односно гостите се пријавуваат и се издаваат фискални сметки. Од правни лица во првите 9 месеци биле наплатени 16 милиони денари туристичка такса, а според проценките на Градот наплата треба да е околу 22 милиони денари.
„Поради ваквата состојба во наредниот период ќе преземеме конкретните активности и ќе работиме заедно со сите засегнати страни на регулирање и изнаоѓање оптимално решение за оваа проблематика“, додава Тодоров.
А. АНТЕВСКА