Анестезиолог од тетовската Клиничка болница снимал и објавувал снимки од пациенти и вработени во болницата. Откако снимките беа објавени и предизвикаа голема вознемиреност во јавноста, полицијата го привела анестезиологот.
МВР излезе со соопштение за приведувањето во кое се вели:
„На 14.04.2023 во 23.40 часот во тетовско Одри полициски службеници го привеле В.Д. (43),постапувајќи по пријава од страна на П.В., директор на Клиничка болница Тетово дека В.Д., вработен како анестезиолог во болницата, снимал и објавувал преку мрежата ТикТок лекарски персонал и пациенти на кои им се пружала лекарска помош. Известен е јавен обвинител и по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“, соопштуваат од МВР.
Директорот на Клиничката болница од Тетово Плумб Вела, кој и го пријавил случајот во полицијата, најави дека во текот на денот ќе изнесе повеќе детали за овој случај во тетовската болница.
Лекарската комора најостро го осуди инцидентот во болницата во Тетово и најави дека во во најкус рок органите на Комората ќе бидат свикани да го разгледаат случајот и да преземат активности и мерки.
З. АНДОНОВ