Во ноќен клуб во тетовското село Горно Седларце се приведени 32 странски државјанки кои без работна дозвола работеле во клубот како танчерки и келнерки. Како што соопштија од СВР Тетово, приведените се од повеќе европски држави.
„На 17/18.07.2024 во периодот од 23.30 до 05.00 часот, полициски службеници од СВР Тетово извршиле контрола во ноќен клуб во тетовско Горно Седларце, каде управител е А. И. (27) од Горно Седларце. При контролата во објектот биле затекнати 32 странски државјанки на возраст од 20 до 40 години од Русија, Молдавија, Украина, Косово, Албанија, Србија, Словенија и Казахстан кои го злоупотребиле престојот, односно престојувале во РСМ спротивно на целта“, се вели во соопштението на СВР Тетово.
Сите 32 странски државјанки се приведени и задржани во полициска станица за понатамошна постапка.
Во Тетово како и во некои села од тетовскиот регион, редовна е појавата во ноќните клубови гостите да ги услужуваат странски државјанки кои во најголемиот дел тука престојуваат илегално или го злоупотребуваат престој во земјата. Најмногу ги има во летниот период кога тука дома си доаѓаат голем број иселеници кои живеат и работат во странство.
Тие во овие локали се водат како келнерки, танчерки или помошен персонал, но често пати зад тие дејности се јавува и проституцијата. Поради ова, тетовската полиција од време на време спроведува акциски контроли за откривање на лица кои нелегално престојуваат или нелегално работат во локалите и ноќните клубови во Тетово и околните села.
З. АНДОНОВ