ПРОБИШТИП ОТВОРИ МУЗЕЈ ЗА РЕТКИ МИНЕРАЛИ ОТКАКО ДРЖАВАТА СЕ ОТКАЖА ОД ПРОЕКТОТ ЗА ГЕОПАРК ВО ИСТОЧНА МАКЕДОНИЈА

    ПРОБИШТИП ОТВОРИ МУЗЕЈ ЗА РЕТКИ МИНЕРАЛИ ОТКАКО ДРЖАВАТА СЕ ОТКАЖА ОД ПРОЕКТОТ ЗА ГЕОПАРК ВО ИСТОЧНА МАКЕДОНИЈАМузејот е изграден во центарот на Пробиштип и е во форма на кристал од минерал. (Фото: СДК.МК)

    Ниту новоотворениот Музеј за ретки минерали во Пробиштип не може да го врати проектот за формирање геопарк долж осоговскиот масив, што уште пред неколку години беше поддржан од УНЕСКО. Овој регион изобилува со рудно богатство. Пред четири години, проектот помпезно беше најавуван и дури се покрена иницијатива за номинација на геопаркот пред УНЕСКО, но таа лани била повлечена. откако од проектот се откажале и државата и општините во кои би се простирал.

    Една од главните причини за тоа беше што експлоатацијата на рудното богатсво ќе беше загрозена ако дојдеше до формирање на геопаркот, што, според планот, требало да ги опфаќа Пробиштипскиот и Кратовскиот Регион.

    Во музејот засега се изложени 250 експонати на ретки минерали од пробиштипските рудници (Фото: СДК.МК)

    По пропаѓањето на идејата за геопарк, Општина Пробиштип го отвори првиот Музеј за ретки минерали во државата, што се реализираше во соработка со Министерството за локална сампоуправа и Центарот за развој на Источно-Планскиот Регион (ЦРИПР).

    „Нашата земја изобилува со богати рудни наоѓалишта и ретки минерали. На просторот од 110 квадратни метри се изложени 250 експонати на ретки минерали од пробиштипските рудници. Но, Музејот ќе биде од отворен карактер, па во него ќе може да се најдат и ретки минерали од целиот осоговски масив, како што се рудниците Саса во Македонска Каменица и Тораница во Крива Паланка, кои располагаат со каолинит и зеолит“, вели градоначалникот на Пробиштип, Драган Анастасов.

    Центарот за развој на Источно-Планскиот Регион сериозно се зафатил со овој проект, затоа што се работи за вредно рудно богатство и за минерали од кои некои датираат од пред повеќе од еден век.

    „Пробиштип е децениски колекционер на вакви минерали. Некои од ретките досега биле чувани во просториите на управната зграда на рудникот или во Домот на културата. Изграден е во центарот на Пробиштип и е во форма на кристал од минерал. Вкупната инвестиција изнесува 9,2 милиони денари, од кои 40 отсто се финансирани од Општина Пробиштип. Музејот ќе има туристичко, но и образовно значење“, вели раководителката на ЦРИПР, Зуица Ангелова.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира